Екуменизам

После Првата светска војна меѓу протестантите се појавило движење  кое се залага за меѓусебно запознавање, приближување, па во понатамошна перспектива и целосно единство не само на протестантите, туку и на другите христијани. Тоа е тн.  екуменско движење. Него го претставува и шири во светот Екуменскиот совет со седиште во Женева. Досега, на овој Совет се приклучиле многу протестантски цркви, со исклучок на некои екстремни секти (на пример, адвентисти), како и сите помесни православни цркви. Римокатоличката црква не се приклучила на овој Совет, но има воспоставено официјални контакти и испраќа свои набљудувачи и активно учествува на конференциите на Екуменскиот совет на црквите. По Вториот ватикански совет (1962-1965), Римокатоличката црква ги прифаќа основните начела на екуменизмот и се одрекува од унијатството.

Екуменизмот претставува настојување за помирување, соработка, зближување и единство на христијанските цркви. Додека меѓурелигискиот дијалог се однесува на сите религии, екуменизмот е дијалошки напор во рамките на христијанските цркви. За разлика од унијатството (преоѓање од Православната црква во Католичката), во екуменизмот се нагласува рамноправниот дијалог меѓу христијанските конфесии, она што е за поединечни цркви заедничко и се оди за потврда на духовното и моралното послание на Христовата црква.

По основањето, Екуменскиот совет или Светскиот совет на цркви, требало да го одржи своето прво собрание во 1941година. Меѓутоа, бидејќи започнала Втората светска војна, овој настан бил одложен за подоцна. Првото собрание било одржано во 1948 година.  Во Екуменскиот совет е формиран централен одбор кој секои шест до седум години организира еден општ собир. На тие собири се потврдува волјата на членовите да продолжат со своето делување во Советот, а се одредуваат и упатства за понатамошната работа.

Во 1952 година цариградскиот патријарх Атинагора издал енциклика во која ги повикува сите поглавари на помесните православни цркви да се придружат на Светскиот совет на црквите. Веќе од 1952 поединечни православни цркви почнале да се приклучуваат на Екуменскиот совет, а во 1955 година Вселенската патријаршија ги испраќа своите постојани претставници во централата на Советот во Женева. Во 1959 година централниот комитет на Екуменскиот совет се состанува на Родос со претставниците на сите православни цркви. Во 1964 година патријархот Атинагора се сретнал со римскиот папа во Ерусалим. Средбата меѓу папата Павле VI и патријархот Атинагора во Ерусалим била прва средба на поглавари на Рим и Цариград во последните 526 години, поточно од средбата во Ферари меѓу патријархот Јосиф II и папата Евгениј IV. Откако заеднички ја прочитале молитвата Оче наш, измениле целив на мир и заеднички го благословиле народот, на крајот патријархот го дарувал папата со архиерејска панагија, со претстава на Господ како учител, симбол на епископска чест на православните архиереи. На 07.12. 1965 година Цариград и Рим ги укинуваат взаемните анатеми од 1054 година.

Од 1971 година Екуменскиот совет има три ограноци кои меѓусебно се ускладени од централниот одбор. Првиот огранок носи име „Вера и Сведоштво“. Во неговите рамки делува и организацијата Вера и Поредок која се занимава со доктринарни прашања. Вториот огранок се вика „Праведност и Служење“ и се занимава со практични проблеми во однос на црковните членови и кон светот. Третиот огранок е „Воспитување и Обнова“ и се занимава со прашањето на образованието.
Од 24 јули до 10 август, 1983 година во Ванкувер е одржан голем собир на Светскиот сојуз на цркви. Служена е протестантска миса на која присуствувале околу 3500 христијани од разни краеви на светот. Службата ја служел архиепископот кантербериски Роберт Ранси со две свештенички (жени свештеници), додека православните, римокатолиците и монофизитите учествувале во произнесување на ектениите.

Од 7 до 20 февруари 1991 година во Канбери, Австралија, одржана е седмата Генерална конференција на Советот. Покрај бројни претставници на протестантски цркви, учествувале и претставници на сите помесни православни цркви (освен ерусалимската Патријаршија која отстапила) како и претставници на Ватикан на чело со кардиналот Едвард Касиди (Римокатоличката црква се уште не е официјален член на Екуменскиот совет, туку активно учествува во многу екуменистички иницијативи на зближување на црквите). На овој собир усвоен е еден документ под име: „Единство на црквите како општење: Дар и повик“. Екуменскиот совет овој документ го упатува како апел до сите цркви да ги прифатат седумте основни тези „со цел целосно видливо единство“.
1.Меѓусебно признавање на крштевање
2.Прифаќање на Никејско-цариградскиот символ на верата како заеднички израз на апостолска вера
3.Евхаристичко општење
4.Меѓусебно признавање на свештенството
5.Заедничко сведочење на Евангелието
6.Заедничко делување за зачувување на мирот и поредокот во светот
7.Овозможување на парохиите и заедниците да изразат на соодветен начин локален степен на постоечкото општење. ир/мпц/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: