Образовен пристап кон светското културно и природно наследство

Исклучителните вредности и универзалната важност на зачувувањето на светското наследство за идните поколенија и опстанокот на нашата планета нудат многубројни единствени и често мултидисциплинарни и интердисциплинарни можности за предавање и учење.

Интегрираниот, мултидисциплинарен пристап им овозможува на наставниците по различни предмети, како историја, географија, биологија или мајчин и странски јазик, да воведат елементи на образование од областа на светското наследство во наставата што се одвива во училиштата.

Образованието во областа на културното наследство ги поттикнува наставниците по различни предмети на учениците да им ја пренесат желбата да научат повеќе, да го негуваат и да дејствуваат во полза на зачувувањето на националното и светското наследство.

Ученичките активности сугерирани од УНЕСКО се конципирани со цел да го олеснат предложениот интегриран пристап во училишната настава. Овие активности се делумно истражени, тестирани и оценети од поголем број наставници избрани од различни делови на светот, а кои се дел од Младинскиот образовен проект на УНЕСКО за светското наследство од самиот почеток. Предложените пристапи можат лесно да се усогласат во секоја земја за да ги задоволат локалните потреби и различните образовни системи. Крајната цел на предложените техники на учење е да се инспирира и да се засили посветеноста на младите кон зачувувањето на нашето наследство и да се помогне во премостувањето на јазот што постои меѓу училиштето и општеството преку овозможување поттикнувачки активности со кои се промовира вклучувањето во заедницата.

Образованието во областа на светското наследство им овозможува на младите да размислуваат и да дискутираат за значењето и вредноста на културното и на природното наследство, за техниките што се неопходни за да се управува ова наследство, за предностите и опасностите што може да ги донесе масовниот туризам, негрижата и сл. Со оглед на тоа што образованието во областа на националното и светското наследство исто така вклучува и здобивање со знаење и дејствување, дебатните сесии се покажаа како најкорисни во запознавањето на учениците со зачувувањето на светското наследство и во нивното поттикнување активно да учествуваат во неговата заштита, активност што претставува доживотен процес.

Како последица на напредокот во науката и технологијата, во некои општества се случуваат големи информатички револуции. Сè повеќе луѓе и ученици  имаат или ќе имаат во иднина пристап до базите на информации и податоци, истражувачките резултати, статистички податоци, или во библиотеките или преку интернет. Образованието во областа на светското наследство им дава на учениците знаење од областа на основните истражувачки методи, како на пример, пребарување и анализа на информации, носење заклучоци и формулација на предлози за дејствување во насока на зачувување на светското наследство.

Младинскиот образовен проект на УНЕСКО за светското наследство покажа дека колку повеќе се учи за светското наследство, толку повеќе постои желба да се научи и да се истражува уште повеќе и преку сопствените граници и континенти. Искуството покажува дека еден од највозбудливите моменти во образованието во областа на светското наследство е посета на некој локалитет од Списокот на светското наследство.

Посетувањето музеи е уште еден важен аспект на образованието во областа на светското наследство, а вработените во музеите и членовите на Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ/ICOM) можат да бидат корисни партнери на наставниците. Музеите се често единствените места каде што можат да се видат и да се проучат докази за одредена културолошка или природна особеност. Клучна улога за училиштата што не се наоѓаат до некој музеј може да имаат другите локални места, локалното население, родителите, бабите и дедовците во присеќавањето на минатото и во поврзувањето на минатото со сегашноста.

Голем број наставници кои сакаат да ги заинтересираат учениците за зачувување и конзервација на светското наследство увиделе дека играњето улоги е мошне корисно. Играњето улоги има пет главни учебни цели:

  • изградба на свест;
  • тешките и апстрактни теми да се направат поразбирливи;
  • усвојување нови истражувачки вештини;
  • создавање ставови и долгорочна посветеност;
  • развој на креативниот потенцијал кај учениците.

Младинскиот образовен проект на УНЕСКО за светското наследство им овозможува на училиштата да станат дел од глобалната мрежа која опфаќа секакви средни училишта низ светот. Повеќето училишта што учествуваат во Проектот членуваат и во проектот на УНЕСКО за Мрежата на здружени училишта (ASPnet) чија цел е да ги зајакнува хуманистичките, културните и меѓународните димензии на образованието преку пилот-проекти, како што е Младинскиот образовен проект на УНЕСКО за светското наследство кој се спроведува преку АСПнет (ASPnet) заедно со Центарот за светско наследство при УНЕСКО.

Светската мрежа (WWW или веб) е една од низата алатки што се на располагање преку интернетот и кои им овозможуваат на корисниците своите информации да ги соопштат на глобалната публика. Корисниците на компјутери истакнуваат информации исто како на огласна табла. Интернетот им нуди на наставниците и на учениците многу нови извори на информации.

Преку интернетот и преку електронската пошта самите ученици ќе можат на врсниците од далечни краишта да им ги претстават својата култура, своите обичаи, вредности и наследства. Без да излезат од училницата, можат непосредно да комуницираат со ученици во сопствената земја и во странство за да дознаат повеќе за другите и за нивните култури, цивилизации и наследства. Училишта од разни краишта на светот можат да соработуваат во заеднички проекти за заедно да го заштитуваат нашето заедничко наследство од опасности или од уништување и загадување, од урбанизација, од војни и од негрижа. /ОП-УНЕСКО/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: