Догматското учење на старозаветната религија

За Бог.  Догматското учење на старозаветната религија за Бога е мошне јасно и едноставно. Има само еден единствен Бог творец на небото и земјата и одржител на целиот свет. „Јас сум твојот Господ Бог; немој да имаш други богови освен мене“ (2. Мојс. 20, 2-3). „Чујте  Израелу, Јехве е нашиот Бог единствен Господ“ (5. Мојс. 6, 4) . „Јахве е Бог, и горе на небото и долу на земјата нема друг освен него “ (5. Мојс. 6, 35). „Гледате, гледате – им рече Бог на израелскиот  народ – дека јас  сум сам и дека не постои бог освен мене“ (5. Мојс, 32, 39).

За Божјите особини. Во својата суштина, Господ  е толку различен од светот, што според учењето на Библијата, во светот не постои ниту едно суштество (битие) или предмет со кои Бог би можел да се изедначи и споредува. „Со кого ќе ме изедначите и споредите? Кого ќе го земете како пример за  да биде како мене ?“ – зборува Господ преку пророкот Исаија (Ис. 46, 5).

Но, при сето тоа, Библијата  кога говори за Бог многу често се изразува во антропоморфизми, иако според нејзиното учење, Бог е дух и нема тело. Според Библијата, Бог е невидлив (2.Мојс.33,18). Бог е сезнаен. „Бог гледа до крајот на светот и гледа сè што е под целото небо“ (Јов. 28,24). „Очите на Господа се на секое место, гледајќи ги злите и добрите“ (Приказни  Соломонови, 15, З).

Бог е семоќен. „Што и да сака, сè прави Господ, на небесите и на земјата, во морињата и во сите провалии “(Пс. 135, 6). Бог е праведен. „Господ, нашиот Бог. . . тој не гледа кој е кој, ниту пак може да се поткупи (5. Мој. 10, 17). Бог е, исто така, и милостив, „Милостив е и добар Господ, бавен на гнев и многу благ“ (Пс. 10З, 8). Господ Бог е самобитно битие. На Мојсеј му се покажал со овие зборови; „Јас сум тој што е“ (2. Мојс. 3,14). Господ е вечен. Тој за својата вечност вели: „Јас сум од пред  денот кога  постана“ (Исаија 43,13). Бог е насекаде присутен. „Небото е мојот престол“, вели Господ, „земјата е подножје  на моите нозе “ (Исаија 66, 1). Бог е свето битие. „Бидете свети колку што сум свет јас Господ, вашиот Бог“ (3. Мојс. 11, 44).

Господ, според учењето на Стариот Завет, е промислител и осмислител на светот. Тој се меша во текот на настаните во светот. Тој се грижи за целиот свет и за човекот и за секое суштество. Тој им се појавува на избраните луѓе, им ја соопштува неговата волја и неговите закони и им ветува спасител на светот, Месијата. Ова ветување, кое преку Библијата (1.Мојс. 3,15), а според толкувањата на Светите Отци, веќе им беше навестено на првите луѓе веднаш после гревот, Бог го повторува многу пати во Библијата, преку пророците./ИР/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: