Културното наследство го сочинуваат предмети, дела и творби на материјалната и духовната култура.
Културно наследство (“национално наследство“ или само „наследство“), претставува наследство на физички-материјални артефакти (предмети направени од човечка рака) и нематеријални атрибути на некоја заедница или општество кои претставуваат оставштина од претходните генерации, и се чуваат во денешницата за да бидат зачувани во наследство за добробит на идните генерации.
Културно наследство се материјални и нематеријални добра коишто, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, духовни, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење.
Всушност, културно добро е секое добро од државен интерес и кое ужива посебна државна заштита. Во поширока смисла, културно добро е културно наследство кое припаѓа на некоја заедница или општество, т.е. нешто што поседува и ќе биде зачувано како културна вредност.
Културното наследство влијае на идентитетот на одредена нација, на одредено населено место, регион или држава. Она културно наследство кое има посебна вредност за целокупното човештво подлежи на режимот на строга заштита, односно станува објект на Светско наследство.
Меѓутоа, често се случува некоја следна генерација да го отфрли она што претходната генерација го сметала за културно наследство, за да повторното оживување на наследството се случи дури по смена на една или повеќе генерации.
Физичкото, опипливото или „материјалното наследство“ вклучува градби и историски локалитети, споменици, книги, артефакти, уметнички дела и друго, кои имаат вредност да се зачувуваат за иднината. Тука спаѓаат разни предмети значајни за археологијата, духовниот живот, архитектурата, науката или технологијата, за специфична култура, уметност и сл. Помалите предмети, како што се уметничките дела и останатите културни ремек дела (литература, музика, и сл.) ги собираат музеите и уметничките галерии.
Во нематеријални добра на културното наследство влегуваат општествените вредности како што се: традицијата, духовното верување, обичаите, фолклорот, писмото, јазикот, естетското творештво итн. Духовното и нематеријално културно наследство многу е потешко да се зачува отколку физичките предмети.
Природното наследство исто така сочинува важен дел од културното наследство кое опфаќа рурална и природна средина со флора и фауна односно биоразновидност. Тоа опфаќа и културно значајни природни предели.
Во изучувањето на предметот културно наследство вклучени се повеќе науки, како што се: историја, археологија, историја на уметност, теологија, уметност, архитектура, филозофија, музика, литература, историја на религиите, антропологија, етнологија, етнографија, етногеографија, социологија, етика, естетика итн.
Културните добра се дел од науката за проучување на човечката историја затоа што тие даваат конкретна основа за идеите и кои можат да ги потврдат истите. Нивното зачувување демонстрира признание за потребата и неопходноста од минатото и на нештата што ја раскажуваат неговата приказна.
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |