Лалибела е град во северниот дел на Етиопија, еден од светите градови, веднаш до Аксум, дестинација на бројни христијански аџилаци. Луѓето од Лалибела се скоро целосно верници на Етиопската Тевохедо Црква. Лалибела била изградена за да биде Новиот Ерусалим, откако муслиманите го окупирале правиот град Ерусалим во 12 век, поради што многу згради биле именувани по познатите згради во Ерусалим.
Поради исклучителните историски вредности, УНЕСКО го вклучи локалитетот Лалибела во 1978 година во својот список на светско наследство.
Градчето се наоѓа во зоната на северен Воло од регионот Амара, на 2.500 н.м., оддалечена околу 640 км од Адис Абаба.
Овој рурален град е познат ширум светот по своите монолитни цркви. Иако времето на изградбата на овие структури сè уште точно не е познато, денес преовладува мислењето дека повеќето објекти биле изградени за време на владеењето на Лалибел, на крајот на 12 век и во 13 век. На локацијата Лалибела има 11 црковни објекти. Сите цркви во Лалибела пред називот го имаат името Бет (куќа). Тие биле изградени главно во две основни групи, разделени северно и јужно со вештачки канал што требало да ја претставува реката Јордан.
Црквите се исто така значаен инженерски потфат, бидејќи сите тие се поврзани со вода (што ги исполнува бунарите во непосредна близина на црквите). Градителите користеле артески геолошки систем кој ја доведува водата до врвот на ридот каде што се наоѓа локацијата.
Овие единаесет средновековни монолитни цркви биле изработени во карпа. Нивната изградба се припишува на кралот Лалибела, кој започнал да гради во 12 век „Нов Ерусалим“, откако муслиманските освојувања ги стопираа христијанските аџии во светата земја. Лалибела процветала по падот на империјата Аксум.
Црквите не биле изградени на традиционален начин, туку биле направени од постоечките карпи од монолитни блокови. Овие блокови биле дополнително обликувани, формирајќи врати, прозорци, столбови, подови, покриви и др. Оваа гигантска работа потоа била довршена со широк систем на дренажни канали, ровови и церемонијални премини, некои со отвори кон пустиначки пештери и катакомби.
За Бет Медхани Алем, со своите пет патеки, се верува дека е најголемата монолитна црква во светот, додека Бет Георгие има извонреден крстовиден план и облик . Повеќето веројатно биле користени како цркви уште од самиот почеток, но Бет Меркореос и Бет Габриел Рафаел порано биле кралски резиденции. Неколку од интериерите се украсени со фрески и мурални слики.
Овие исклучителни цркви биле во фокусот на аџилак на коптските христијани уште од 12 век.
Црквите во карпа од Лалибела се сèуште зачувани во нивната природни состојба и опкружување. Склопот од карпестите цркви и традиционалните автохтони кружни куќи во околината, сè уште демонстрираат докази за распоредот на местото од античко време. Оригиналната функција на локацијата како аџилак сè уште опстојува и обезбедува докази за континуитетот на општествените практики. Духовните, нематеријални наследства поврзани со црковните практики сè уште се зачувани.
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |