Личноста на основачот на црквата

Во тоа време во местото Назарет во Галилеја живеел еден дрводелец, Исус. Живеел мирен, побожен и тивок живот на обичен вреден работник-мајстор. До неговите триесетти години, неговите сонародници не можеле ни да насетат каква големина се крие во нивното место.

Авторот на третото Евангелие, евангелистот Лука, иако како лекар ги познавал природните закони на човечката ембриологија, го опишува Христовото зачнување не како природен биолошки процес, туку како вистинско Божјо чудо. Еве го тој опис во Евангелието:

– А во шестиот месец, Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град што се викаше Назарет кај девица, свршена за маж по име Јосиф, од Давидовиот дом. Името пак на девицата беше Марија. И кога ангелот дојде кај неа, и рече: „Радувај се љубима! Господ е со тебе, благословена си меѓу жените!“. Таа се уплаши од овие зборови и размислуваше каков поздрав може да биде тоа?  Тогаш ангелот рече:  „Не плаши се Марија, зашто најде милост кај Бог. Ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус. Тој ќе биде велик и ќе се нарече Син на Севишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Давид, Неговиот татко.  Тој ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото царство не ќе има крај ”. А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?” Ангелот одговори, велејќи и: „Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; затоа Светото дете кое ќе биде родено – ќе се нарече Божји Син. Види, твојата роднина Елисавета, и таа зачна син во својата старост. Таа која ја нарекуваат неплодна, веќе е во шестиот месец.  Зашто, за Бог, ништо не е невозможно. Марија му рече: „Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде како што рече! ” И ангелот си отиде откај неа.

Се разбира, настанот за кој што нè информира Лука бил строго лично искуство на Св. Богородица. Тоа бил разговор во четири очи меѓу неа и архангелот Гаврил. Таа не кажала никому за тоа пред нејзиниот син да стане славен. Но, и да го соопштила тоа, никој немало да и поверува. Дури и нејзиниот заштитник и свршеник  Јосиф не знаел ништо за тоа на почетокот, ниту поверувал во тоа чудо без небесна интервенција (Мт 1,18-25). Дури по таа интервенција Јосиф сфатил дека според промислата на Бога, тој треба да биде заштитник на онаа што Бог што ја избрал за родилка на неговото телесно доаѓање на овој свет. Зашто, без таа заштита, која Joсиф морал да ја даде на својата вереница Марија, таа не само што ќе била предмет на клевета и потсмев на злобните јазици и злобните луѓе, туку според строгоста на старозаветниот суд, ќе требало да биде каменувана како „престапничка“ на законот. Така, според извештаите на Лука и Матеј, Јосиф стапил во формален, т.е. законски брак со Марија. Сето тоа било интимна работа во куќата на Јосиф, па граѓаните на Назарет, сосема природно, воопшто немале никаков поим за тоа. /ИР/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: