Македонија како дел од одбележувањето на Европската година на културното наследство во 2018 година

Под слоганот „Нашето наследство – европска вредност“, Република Македонија се приклучи кон прославувањето на 2018 како Европската година на културното наследство. Програмата за одбележување на Европската година на културното наследство 2018,  ја подготви Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), а се реализира заедно со Делегацијата на ЕУ.

На презентација на програмата збогатена со настап на група од КУД „Танец“ која изведе песна со гласоечко пеење заштитено од УНЕСКО како недвижно наследство, се обрати министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Тој истакна дека програмата вклучува бројни содржини преку кои уште еднаш заеднички се демонстираат нашите заложби за потемелна грижа за нашето културно наследство, но и нашите заложби за нагласување на неговата европска димензија.

Според директорката на Управата Елеонора Петрова-Митевска, Годишната програма на УЗКН ќе вклучува повеќе проекти и активности за популаризација на нашето македонско, но и европското културно наследство и негово поголемо приближување до пошироката јавност.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека 2018 како Европска година на културното наследство ги слави нематеријалните и материјалните достигнувања на човештвото.

Со одлука на Европскиот парламент и Советот на ЕУ, 2018 година беше прогласена за Европска година на културното наследство. Целта на иницијативата е да го промовира значењето на европското културно наследство и да ја зајакне свеста за заедничката европска историја и вредности.

Активностите и проектите на земјите членки на  Унијата во рамките на оваа иницијатива ќе опфатат неколку теми со посебно внимание на вклученоста на населението од најразлична возраст во зачувување на културното наследство, одржливоста на културното наследство во процесот на транзиција и во туризмот, зачувување на културното наследство, со акцент на зачувување на културното наследство во опасност и иновација во насока на подобрени вештини на професионалците од областа на заштитата на културното наследство, како и на сите оние кои се вклучени во неговото зачувување и презентација.

Република Македонија иако сè уште не е полноправна членка на Европската Унија, УЗКН го препозна значењето на дадените рамковни теми на Годината, кои се блиски до нејзините заложби и изготви Програма под слоганот „Нашето наследство – европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштитата на културното наследство“. /2018 год.

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: