Младите и светското културно и природно наследство

Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство, позната и како Конвенција за светското наследство, е усвоена во 1972 г. од страна на Генералната конференција на УНЕСКО. Откако е составен пред речиси 40 години, овој добро познат меѓународен правен инструмент чија цел е да ги заштити најзначајните културни и природни добра во светот, многу напреднал.

Конвенцијата досега ја ратификуваа 186 држави, а Списокот на светското наследство сега вклучува 890 локалитети од целата планета Земја. Бројката на впишаните локалитети е навистина импресивна, а нивното чување за сегашните и идните поколенија е многу сериозна задача. Поттикнувањето на свеста за нивното значење е клучот за нивното зачувување, а за таа цел најмоќното и најефикасно средство е образованието на младите. Нема сомнение дека навистина би било тешко да се продолжи со одржувањето на овие уникатни добра без активната поддршка на младите. Младите се тие што во иднина ќе донесуваат одлуки и ќе ја имаат задачата да ги зачуваат вредностите на наследството.

Образованието на младите во областа на нашето заедничко наследство им дава можност подобро да се запознаат себеси и своето потекло. Тоа, исто така, им помага да научат повеќе за другите. Чувството за идентитетот и исполнетост со кое можеме да се здобиеме преку културата на која ѝ припаѓаме, е од суштинско значење за вреднувањето на големата разновидност на светските добра кои мора да се пренесуваат од колено на колено. Затоа сметаме дека проектите како Образовното наставно помагало „Светското наследство во рацете на младите“ се неопходни со самото тоа што од најраните години на луѓето им ги всадуваат овие основни вредности.

Првото вакво наставно помагало, креирано од меѓународен тим на специјалисти од оваа област, е издадено во 1998 г. со цел да ги поттикне наставниците да ги вклучат во наставните планови фундаменталните концепти за светското наследство преку интердисциплинарен пристап. Фактот што ова образовно наставно помагало се користи во повеќе од 130 земји и е преведено на околу 30 национални јазици, сведочи за неговата ефикасност и популарност како мошне полезна педагошка алатка. Убедена сум дека верзијата, којашто е лесна за употреба и е во облик на интерактивно ДВД, ќе дојде во рацете на многу поголем број корисници.

УНЕСКО со гордост ја претставува оваа верзија на неговиот најуспешен образовен проект и се надева дека ќе ги прошири вашите знаења за локалитетите на светското наследство и нивната заштита. /Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО

Отпочнат од страна на Центарот за светско наследство и Проектната мрежа на училиштата (ASPnet) на УНЕСКО во 1994 година, овој проект има цел да развива иновативни образовни пристапи со кои се дава поддршка на зачувувањето на светското наследство со тоа што на младите/учениците им се овозможува:

да научат повеќе за културните и за природните локалитети од исклучителна, универзална вредност кои се на Списокот на светското наследство;

да се здобијат со нови вештини потребни за да се помогне да се зачуваат овие локалитети кои се заштитени со Конвенцијата за светското наследство на УНЕСКО од 1972 г.;

да изградат нови ставови и трајна посветеност кон зачувувањето на нашето локално, национално и светско наследство за сегашните и идните поколенија;

да одиграат клучна улога во чувањето на исклучителната културна и природна разновидност во светот преку меѓународна соработка.

Помагалото „Светското наследство во рацете на младите“, како образовен ресурс, беше подготвено од УНЕСКО во 1999 година за да го воведе концептот на едукација во областа на светското наследство. Помагалото цели кон вклучување на младите во едукацијата за наследството и во активностите за негово зачувување во и надвор од училниците, на локалните и националните локалитети, во соработка со сите чинители, како што се: управителите, општините, граѓанскиот сектор и релевантната локална и централна власт/управа.

Преку интердисциплинарен пристап, со овој проект се прават напори за вклучување на вредностите на светското наследство во наставната програма како начин за воспоставување базичен корпус и/со придружни теми. Ова помагало е применето во повеќе од 130 држави од наставници и ученици обединети во Мрежата на УНЕСКО на здружени училишта. Сакаме да ги истакнеме напорите на стручниот кадар на УНЕСКО којшто грижливо ги подготви печатените верзии на ова помагало базирани на актуелните образовни пристапи применувани од едукаторите во многу држави.

Во моментов постојат повеќе од триесет национални/јазични верзии создадени во соработка со националните комисии на УНЕСКО, обласните канцеларии на УНЕСКО и други партнери.

Развојот на наставните планови е потфат кој е постојано во тек и кој бара постојани истражувања, тестирања и оцена. Се работи, всушност, за континуиран процес со долгорочна цел. Во овој процес мошне важна улога имаат наставниците кои се пренесувачи на вредностите на светското наследство. Заедно со нив, Образовната програма на УНЕСКО за светското наследство се стреми да допре до секоја генерација млади луѓе во насока на откривање на нивната единствена улога како активни учесници во зачувувањето на нашето заедничко природно и културно наследство.

Уредниците на интерактивното Помагало (2010 г.)  / Carmela Quin  /  Vesna Vujicic-Lugassy

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: