Црквата која има свои верници претежно во источните делови на Европа, според таа нејзината географска позиција, се нарекува „источна“, иако се смета дека тоа име денес е целосно бесмислено, бидејќи христијани со различна припадност постојат насекаде во светот.Таа најчесто се нарекува ортодоксна, односно православна. Оттука, целата нејзина наука и дух се нарекува православие.
Според православната црква, првата и главна одлика на православието е строгото чување на континуитетот на црковната вера и црковното уредување. Православната црква се грижи да не се додаде ништо суштински ново на догматските одлуки на вселенските собори, ниту да им одземе нешто.
Втора важна карактеристика на православието е соборноста или католичноста. Ова значи дека Православната црква сака да ги собере во себе сите народи, сите луѓе од сите земји, сите генерации на сите времиња, без оглед на возраста, полот, националноста, расата, социјалниот статус и географската положба. Таа е вселенска. Нејзината догматика, етика и литургика, се наменети за целиот свет, без никакви огради.
Третата особина на православието е децентрализираната организација. Православната црква нема некој свој географски ниту административен центар, туку е поделена на поединечни автокефални (самостојни) помесни цркви кои се целосно самостојни во нивното финансиско работење и во административниот и црковно-правниот поредок. Јурисдикцијата на поединечните автокефални цркви се совпаѓа со националната територија на одделни народи кои како целина, или барем во најголем свој дел, припаѓаат на православието. Но, има и отстапувања од тој принцип.
При целата оваа административна децентрализација и расцепканост, Православната црква сепак создава една духовна целина, бидејќи автокефалноста не вклучува право на било која автокефална црква да менува догми, морални учења, литургика и општи канони. Внатрешното, суштинско единство на целата православна црква се состои токму во тоа единство на верата, единство на благодатта, единство на молитвата и литургијата, единството на црковната дисциплина и единството на црковната хиерархија, така што верникот и свештеникот на секоја посебна автокефална црква се чувствува во секоја друга автокефална црква како во своја.
Според православната теологија, поглавар на Православната црква е самиот нејзин Основач, Господ Исус Христос, а видливата врховна власт на управувањата и поучувањата не му припаѓа на ниту еден епископ, ниту на патријархот лично, туку само на Вселенскиот собор. Неговите одлуки се задолжителни за Црквата и ниту една помесна автокефална црква не може да ги менува одлуките на Вселенскиот собор. Православната црква досега има признаено само седум вселенски собори, и тоа: 1) Никејскиот 325 г. 2) Цариградскиот 381 г. З) Ефескиот 431 г. 4) Халкидонскиот 451 г. 5) Цариградскиот 553 г. 6) Цариградскиот 681 г. и 7) Никејскиот 787 г. Овие собори биле свикани поради големи теолошки спорови со цел да се утврди православното, ортодоксно верување наспроти хетеродоксното, еретичкото, а исто така да се усвојат и одредени канони за регулирање на тогашните практични проблеми на Црквата. Сите овие седум собори биле признаени од целокупната Црква, па затоа се вселенски.
На православната теологија е целосно туѓ протестанскиот рационализам и римокатоличката схоластика. Ова не значи дека ги отфрла човековиот разум и филозофија. Таа ја признава вредноста што им припаѓа, но нагласува дека и човечкиот разум и човечката филозофија и наука се чисто човечки работи и дека како такви тие имаат само релативна вредност, бидејќи тие можат да бидат подложни – и честопати се – на разни заблуди и пропусти. Затоа теологијата, односно догматиката, според православието, може и треба да се заснова само на Божјото откровение, кое се усвојува со образложена вера, а не со некоја слепа и фанатична побожност (пиетизам), а уште помалку со некакво горделиво „плотско мудрување“ и пренагласен рационализам.
Научниот метод на православната теологија е изразен во скромната црковна поезија: „Нека срцето мое биде превиено со страв и смиреноумие, за да не постане горделиво, па да отпадне од Тебе, свемилостив“. И богатството на богопознанието, според разбирањето на православието, се постигнува само со благодатта на Светиот Дух: „Богатството на богопознанието, духовното согледување и премудроста се постигнува со Светиот Дух. Бидејќи преку него Бог Словото ги открива сите заповеди на Отецот“. А ова дејство на Светиот Дух во богопознанието се постигнува според учењата на светите отци, чија теологија е меродавна за православието, по пат на личен подвиг и аскеза со кои православната теологија се стекнува со одреден вид емпириска заснованост. Така, аскезата, мистиката и религискиот емпиризам влегуваат во битните особини на православието.
Православието како целина остава впечаток на една света и топла мистика која особено се изразува преку православното богослужение, особено преку литургијата и преку празниците во кои православниот христијанин мистично ги доживува и преживува моментите од животот Христов: Раѓање, Богојавление, Распнување, Воскресение, Вознесение ; или светите настани во историјата на Црквата. Оваа мистика во практичниот живот на световните луѓе се претвора во еден вид идила, света идила, изразена преку црковната поезија и псалми: „Господ ќе му даде сила на народот свој, Господ ќе го благослови со мир народот свој“; „Праведникот ќе се весели во Господа и ќе се потпира на Него“. А во животот на еден монах, таа мистика се претвора во мистична екстаза, во искуство на непосреден допир со Бога, за што исто постои израз во црковната поезија, која вели дека „Кај пустинаците кои се исполнети со љубовта Божја, животот е блажен“.
Постои уште една особина на православието, за разлика од римокатолицизмот и протестантизмот, а тоа е изразената национална свест и припадност. Прашањето на националните идентитети се јавува и секогаш се појавувало, пред секоја идеологија, било да е тоа политичка, економска, филозофска или религиозна. Со тоа прашање се соочило и најраното христијанство. Од Светото писмо можеме да видиме дека веќе во првата христијанска општина имало одредени национални превирања помеѓу христијаните со еврејско и грчко потекло (Дел. ап. 6,1), иако христијанскиот принцип бил и останал: „Нема веќе ни Евреин ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зошто вие сите сте едно во Христос Исус“ (Гал. 3,28). Но според православното сфаќање тоа духовно единство на христијаните во Христа, не го порекнува, ниту може да го порекне, фактот дека постојат различни народи кои имаат свое национално битие, свои национални особини, свој национален менталитет, култура, држава, природно право на постоење. Овој факт Христос не само што не го превидел, туку всушност смета на него, кога јавувајќи им се после воскресението на своите апостоли, на кои преку Св. Дух им дал способност да говорат на различни јазици (Дел. ап. 2,3-11), заповедува: „Затоа одете и направете од сите народи мои ученици“ (Мт. 28,19). Значи, народите како целина треба да бидат делови од Неговата сеопшта вселенска Црква. Овој принцип го применила Православната црква во својата организација, така што биле создадени поединечни национални цркви, кои ја презеле должноста на просветители на православните народи, а поради историските околности дури и должноста на носител и чувар на националната свест на овие народи и улога на врзивно ткиво на народното единство. Понекогаш тоа било толку ревносно што православната вера се споила со националната свест на православните народи, па затоа постојано се нагласувал „народниот“ карактер на Православната црква, занемарувајќи го фактот и доктрината дека Православната црква во своето учење и во својата суштина е „една, света, вселенска и апостолска “.
Низ својата историја, православието постигнало мошне висок културен домет и оставило многу богат придонес во општочовечката култура, како преку својата теологија, така и преку народната книжевност на одделните православни народи, во која јасно се забележува силното влијание на православието; потоа во белетристиката и филозофија и во другите видови уметност: архитектура, сликарство, музика итн. за што поопширно објаснува историјата на уметноста.
Православната црква во својата историја доживувала многу трагични, тешки и долготрајни страдања и прогонства: потешки од која било друга христијанска вера. Сето тоа оставило длабока трага во нејзиниот живот. Денешната состојба на православната црква во светот, исто така, е оптоварена со многу сериозни и тешки проблеми предизвикани од општествени и политички промени. Овие проблеми се од различна природа: општо-политички, економски, па дури и канонски. Мисионерската дејност на Православната црква низ целиот свет е толку незначителна во споредба со другите мисии, што тешко може да се зборува за тоа. Сепак, во светот за православието и понатаму постои голем интерес и тоа постојано се развива и напредува во различни делови на светот. /ир/
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |