Римокатолицизмот ги има, како и православието, сите оние општи карактеристики на христијанскиот монотеизам. Но, покрај тоа, тој има свои специфики што го разликуваат од православието и протестантизмот. Како прво, за разлика од протестантизмот, и тој останува на полето на традицијата и Св. предание, но во каноните, па и во догмите, не останал строго конзервативен како православието. Тој е пофлексибилен и се прилагодува релативно брзо на новите ситуации. Тој дури и не се оградува од усвојување и прогласување на нови догми со кои се разликува од Православната црква. Римокатолицизмот од своја страна, тврди дека овие догми имаат основа во Св. писмо, Св. предание и потребите на Црквата.
Римокатолицизмот е исполнет со јуристички, правнички дух, што се одразува во неговата пракса и цврстата организација. Благодарение на тој правнички дух, а особено на историските околности, тој во средниот век постана држава. Би можело да се каже држава над државите, затоа што папата им делел круни на владетелите, а имајќи ја предвид праксата дека Римокатоличката црква својот правен статус во одредени држави и во денешно време го утврдува со конкордат, а конкордатот е билатерален договор меѓу две држави, тогаш римокатолицизмот практично се појавува како еден вид држава во рамките на друга држава, поради што Римската црква често имала конфликти, понекогаш многу драматични, со разни световни власти, а понекогаш се случувале дури и вистински војни на папите со одделни владетели и држави.
Сестраната активност е исто така една од основните карактеристики на римокатолицизмот. Римокатолицизмот сака да учествува и навистина учествува во сите актуелни проблеми на човечкиот живот, од дипломатијата и политиката, преку економијата, банкарството, филозофијата и образованието, сè до најновите социјални, педагошки, па дури и сексуални проблеми. Таа негова одлика го прави вечно млад, современ и актуелен.
Римокатоличката теологија, иако имала свои мистичари во средниот век, сепак е далеку порационална, интелектуална, схоластична. Схоластичниот метод е единствениот метод на римокатоличката догматика. Како што е познато, според схоластичката филозофија, постојат вистини до кои можеме да стигнеме со самиот разум, а има и вистини до кои стигнуваме само преку натприродно откровение што ги усвојуваме со вера.
Меѓу своите верници, Римокатоличката црква негува и развива големо и многу живо чувство за чудата на разни светци, особено на Богородица. Таканаречениот феномен на стигматизација (појава на Христовите рани на телата на одредени светци) е феномен што се јавува само во римокатолицизмот. Појавувањето на Богородица во различни прилики и околности е честа тема во римокатолицизмот. Најпознато е појавувањето на Богородица на девојчето Бернадет во гратчето Лурд (Франција) со цел да ја открие и потврди на целиот свет вистинитоста на римокатоличката догма за безгрешното зачнување на Богородица, бидејќи Таа така и се претставила и на Бернадет: „Јас сум безгрешното зачнување“, вели римокатоличката теологија.
Во областа на културата на човештвото, римокатолицизмот придонел во огромен дел. Иако Римската црква влегувала во остар судир со одредени филозофи, на пример со Џордано Бруно, и со одредени науки, на пример со астрономијата во периодот на раѓање на новата астрономија, сепак, сето тоа таа го компензирала и далеку го надминала, со отворање на свои универзитети и активно учество во сите области на науката, филозофијата и уметноста.
Но, покрај сите овие карактеристики, вистинската суштина на римокатолицизмот како верски систем е папството. Папскиот примат и папската непогрешливост се она што ја сочинуваат сржта на римокатолицизмот како вера. Папата, според верувањето на римокатолиците, е наследник на Свети Петар и заменик Христов на земјата, Vicarius Filii Dei. Тој е видливата глава на Црквата. Некои римокатолички теолози одат дури дотаму што велат „папата е жив Христос на земјата“. Без папството нема римокатолицизам. Сè е потчинето на папата. Папата е над вселенскиот собор. Доколку римокатолицизмот се одрече од таквата доктрина за папата, тој ќе престане да биде римокатолицизам.
Мисионерската дејност на Римокатоличката црква низ целиот свет е толку жива, што денес таа според бројот на верници е далеку поголема и од православните и протестантите заедно.
Во својата историја, римокатолицизмот, и покрај целата своја агилност и еластичност, сепак имал и тешки моменти, но не толку долги и тешки трагедии како што имала Православната црква. Од тие големи несреќи, римокатолицизмот бил поштеден. Тоа е секако една од причините зошто тој постигнал поголеми успеси во светот од Православната црква. Светскиот капитал, светската политика, светските медиуми, образованието, сето тоа во голема мерка е под влијание на римокатолицизмот, многу далеку повеќе отколку под влијание на православието, но и на протестантизмот. /ир/
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |