Како една мошне типична монотеистичка религија е религијата на Аврам, Исак и Јаков, претците на израелскиот народ. Овој народ проповедал чист монотеизам, иако природно бил наклонет кон политеизмот, па дури и често потпаѓал во политеизам под влијание на соседните политеистички народи. Меѓутоа, во таквото опкружување со бројни многубожни народи, кои биле далеку помоќни во економски, културен и политички поглед, тој го сочувал својот монотеизам. Овој монотеизам имал три етапи: добата на патријарсите, Мојсиевата или законската доба и пророчката доба.
Старозаветната монотеистичка религија на еврејскиот народ е претставена и изложена во книга наречена Библија, што значи „книги“. Таа ја претставува целокупната израелска книжевност од тој историски период: и историја и право, реторика и филозофија и поезија и проза. Целата таа книжевност била длабоко религиозна. И тоа толку религиозна што во Библијата секој настан, дури и најмалите детали, на пример кројот, обликот и украсите на свештеничките облеки, секогаш се припишуваат на Божјата волја.
За прашањето за потеклото на поединечни книги од Библијата, како и за прашањето за нивната автентичност и длабокото значење, расправаат посебни теолошки науки, исагогија и егзегезија.
Некои опоненти на Библијата со задоволство ја нагласуваат зависноста на нејзината содржина од културата на околните народи, особено од Вавилон. Тие сметаат дека постои многу голема сличност помеѓу неа и вавилонската митологија, што според нив може да се објасни само со меѓусебната зависност на содржината на Библијата од вавилонската религиозна литература . Од друга страна, се смета дека таквото тврдење е претерано и не може да се одржи, како ни тврдењата дека библискиот монотеизам е создаден со еволуција на политеизмот, чии траги наводно се забележуваат во Библијата. Како пример за овој наводен библиски политеизам се посочува на фактот дека името на Бога во Библијата, се означува со зборот „Елохим“ што е граматичка множина од зборот „Елоах“. Но, како што укажуваат теолозите, ако зборот „Елохим“ датира од времето на Аврам, па дури и пред него, тогаш не е ни чудно што зборот е во множинска форма, бидејќи Аврам уште од детството живеел и го научил јазикот во една средина која била политеистичка и која ја напуштил токму од религиозни причини, за да ја исполни заповедта, што според неговото длабоко убедување и сознание, му била дадена од Бога. Исто така, се укажува на фактот дека Библијата на тој збор кој е во множина, секогаш му дава само и единствено значење на еднина. Понатаму, во Библијата до зборот „Елохим“ секогаш стои глагол во еднина. „Берешит бара Елохим“, „Ва јикра Елохим“ итн. Според ваквите укажувања, зборот „Елохим“ не може да се наведува како доказ за некаков библиски политеизам, ниту како трага на политеизам во Библијата. /ИР/
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |