Законски книги во Стариот Завет се Петокнижието Мојсеево. Ова се првите пет книги од старозаветната Библијата, чиј што писател е Мојсеј, според древната традиција на Израелците. Во Петокнижието е опишано создавањето на светот, животот на првите луѓе, животот на старото човештво до потопот и, најпосле, постанокот и историјата на еврејскиот народ до излегувањето од Египет и нивното пристигнување до границата на Ветената земја, Ханан. Покрај тоа, во нив се изложени моралните, обредните и граѓанските закони дадени на еврејскиот народ, поради што овие книги се нарекуваат законски.
Во историските книги на Стариот завет е дадена понатамошната историја на еврејскиот народ, а тоа се овие книги (во еврејската Библија): Книгата Исус Навин, Книга Судиите, Книга Рут, Книги Самоилови, Книги Царства, Прва и Втора книга Летописи, Книги Ездра, Книга Неемија, Книга Естир.
Поучните книги на Стариот завет содржат морални поуки за животот, животната мудрост и славењето на Бога. Во оваа група се опфатени: Книга Јов, Псалми Давидови, Книга Мудрост Соломонова, Книга Проповедник, Книга Песна над песните.
Пророчките книги на Стариот завет најмногу содржат во себе Божји опомени кон еврејскиот народ, како и пророштвото за судбината на еврејскиот народ и за доаѓањето на Месијата. Тоа се книгите на четирите големи пророци: Исаија, Јеремија, Језекиил и Даниил и дванаесетте мали пророци: Осија, Јоил, Амос, Авдиј, Јона, Михеј, Наум, Авакум, Софониј, Агеј, Захарија и Малахија. /ИР/
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |