Извори на христијанското учење (Свети книги)

Христијанството  своето догматско и морално учење го црпи од пишани извори, пред се од Св. писмо на Новиот Завет, но и од Стариот Завет, како и од други древни христијански списи што потекнуваат од Светите Отци и кои содржат во себе сведоштва за верата на првите христијани и за праксата на древната црква, па ова се нарекува Свето предание. Секако, за важноста на Св. предание и неговата задолжителност не се согласуваат сите денешни христијани. Но, на почетокот на христијанската историја, немало некои сериозни спорови за тоа.

Книгите на Св. Писмо, христијаните ги делат на старозаветни и новозаветни.  Оние книги што се напишани пред Христа го сочинуваат Стариот завет, оние што се напишани по Христа, го сочинуваат Светото писмо на Новиот завет. За потеклото на овие книги опширно и научно расправа старозаветната и новозаветната исагогика, а смислата на нивната содржина ја толкува  егзегетиката.

Книгите на Стариот и Новиот Завет христијаните ги имаат поделено според содржината во четири групи: законски, историски, поучни и пророчки.

Законските книги во Новиот Завет се четирите евангелија на Матеј, Марко, Лука и Јован. Во нив е претставен животот, делата и учењето на Исус Христос. Матеј и Јован припаѓале на тесниот круг од  дванаесетмината ученици на Исус, а Марко и Лука го напишале Евангелието според сознанијата на оние лица што го следеле Христа (Лк. 1, 1—4).

Историската книга на Новиот Завет е само една. Таа се вика Дела на апостолите. Во неа се опишани настаните од  основањето на првата христијанска Црква и најраната историја на апостолското време, како и мисионерските патувања на апостол Павле.

Поучните книги на Новиот завет се апостолските посланија. Повеќето од овие посланија (14) ги напишал апостол Павле, и тоа: Послание до Римјаните, Послание до Коринтјаните, до Галатјаните, Ефесјаните, Филипјаните, Колошаните, Солунците,  до Тимотеј, Тит, Филимон и до Евреите. Освен него и други апостоли пишувале посланија: една апостол Јаков, две апостол Петар, три  апостол Јован и една апостол Јуда.

Пророчката книга на Новиот Завет е само Апокалипсис, или Откровение на  Св.  Јован Богослов. Во неа, во визии и алегории, е опишана судбината на Црквата, особено пред второто Христово доаѓање, во кое христијаните веруваат и го очекуваат тоа.

 Не треба да се сфати дека оваа поделба на книгите значи дека во нив има само еден вид материјал: во законските само закони, во историските само историја, во пророчките само  пророштва. Напротив, во секоја од тие книги има и историја и законски материјал, и пророштва и поуки, само што во одредена група преовладува еден вид на материјал според кој таа група на книги го добила називот. /ИР/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: