Културното наследство кое низ историјата останало зачувано станува само по себе единствено и ненадоместливо. Поради тоа, одговорноста за зачувување е должност на сегашната, но и на идните генерации. Затоа, една од основните цели на културното наследство е негово проучување и запознавање на поширока јавност, како и заштита од уништување, односно негово исчезнување и заборавање.
Сето тоа се постигнува преку реализација на соодветни методи и стратегии за истражување, проучување, утврдување, валоризација, реставрација, ревитализација, конзервација, заштита и пазарно менаџирање во правец на одржлив развој на културното наследство.
Посебна важност во заштита на светското културно наследство има Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство која била прифатена од страна на УНЕСКО во 1972 година. Според УНЕСКО бројната состојба на значајни објекти кои го сочинуваат светското културно наследство во април 2009 година била следна: вкупно 890 објект на светското културно наследство, од кои 689 културни, 176 природни, 25 мешовити локалитети распоредени во 148 држави.
Во Република Македонија како културно наследство се водат 10,974 објекти регистрирани како неподвижно културно наследство (4,361 археолошки места; 1,726 цркви и манастири со преку 150,000 квадратни метри на ѕидно фреско сликање; џамии; заштитени куќи; споменици; итн.) и 500,000 музејски реликти. Според некои археолози бројот на археолошки места во Р.Македонија изнесува над 6000.
УНЕСКО (UNESCO – United Nations Educational, Scientific and Cultural Organization) како светска организација за заштита на културното наследство се наоѓа во состав на ООН која е специјализирана Организација на Обединетите народи за образование, наука и култура, формирана 16. ноември 1945 година. Првата основачка Конференција се одржала во Лондон од 01. до 16.11.1945 година, на која учестувале 27 држави. Првите 20 држави кои на 4 Ноември 1946 година ја ратификувале Конвенцијата, биле: Австралија, Бразил, Египет, Франција, Грција, Индија, Либан, Мексико, Нов Зеланд, Норвешка, Саудиска Арабија, Турција, Обединетото Кралство (Велика Британија) и Соединетите Американски Држави – САД. Првата сесија на Генералната конференција на УНЕСКО се одржала во Париз од 19 ноември до 10 декември 1946 година, на која присуствуваа претставници од 30 влади со право на глас.
Во октомври 2009 година, УНЕСКО броела 193 држави членки и 7 асоцијативни или придружни членки. Седиштето на Националната Комисија на УНЕСКО е во Париз. Организацијата низ светот е распространета во повеќе од 50 посебни регионални уреди, институции и центри, лоцирани на разни градови и држави во светот. Како на пример во Женева, Хамбург, Москва, Бон, Буенос Аирес, Каракас, Адис Абеба, Букурешт, Бразилија, Трст, Монтреал итн.
Основна цел на УНЕСКО е да придонесе во мирот и стабилноста промовирајќи соработката меѓу нациите преку образованието, науката и културата, како метод за подобрување на универзалното почитување на правдата, законите, човековите права и основните слободи.
Исто така, УНЕСКО спонзорира проекти за образование, проекти поврзани со регионалната културна историја, проекти со кои се промовира културната разновидност и програми кои ги поддржуваат интернационалните договори за заштита на светското културно и природно наследство.
Од страна на УНЕСКО и Меѓународниот комитет за споменици и локалитети – ИКОМОС, за Светски ден за заштита на културното наследство е прогласен 18-ти април.
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |