Критериуми за избор на светско наследство

Процес на номинација

Државата прво мора да подготви список на значајни објекти и места на културно или природно наследство во рамки на своите граници. Ова е список на државата (анг. Tentative List) со кој е предвидена своината која земјата членка може да одлучи да ја понуди за впишување во наредните пет до десет години и кој што може да биде дополнет или изменет во секое време.  Ова е значаен чекор бидејќи Комитетот за светско наследство (World Heritage Committee) не може да земе во предвид номинации за ставање на Списокот на светско наследство, места или предмети што претходно не биле на oвoj список (Tentative List).

Со подготвување на ваков  список за номинации, земјата може да направи селекција на места или објекти за да ги внесе во номинациското досие за светско наследство (Nomination File). Номинациите се доставуваат до Центарот за светско наследство (World Heritage Centre) кој ги разгледува и проверува дали се комплетни. Откако номинациското досие ќе биде комплетирано, Центарот за светско наследство ги испраќа до соодветни советодавни тела за проценување. Комитетот ја носи конечната одлука дали локалитетот ќе биде запишан во списокот на светско наследство. 

Критериуми за селекција

Номинираните објекти и места  мора да бидат со „извонредна универзална вредност“ и да исполнуваат барем еден од десетте критериуми за избор кои се објаснети во Оперативните упатства за спроведување на Конвенцијата за светско наследство (Operational Guidelines for the Implementation of the World Heritage Convention), кои покрај текстот на Конвенцијата се главни работни алатки на Светското наследство. Овие критериуми биле изменети или корегирани неколку пати од нивното создавање. До крајот на 2004 година, локалитетите од светското наследство биле избирани врз основа на шест критериуми за културно наследство и четири критериуми за природно наследство. Со усвојувањето на ревидираните Оперативни упатства, сега постои само една листа со десет критериуми.

Десет критериуми за избор

(i) претставува ремек дело на човековиот творечки гениј;

(ii) сведочи за важна меѓусебна размена на човековите вредности, во одреден временски период или во рамките на одредена културна област во светот, за развојот на архитектурата или технологијата, за споменичната уметност, урбанистичкото планирање и за осмислувањето на околината;

(iii) претставува единствено или барем исклучително сведоштво за културна традиција или цивилизација која сè уште постои или исчезнала;

(iv) претставува исклучителен пример за тип на градба, архитектонска или технолошка целина или предел кој отсликува значајна фаза/и во човековата историја;

(v) претставува исклучителен пример за традиционална човечка населба, на земја или вода, или за користење на земјиште со кое се отсликува одредена култура, особено ако локалитетот станал ранлив поради изложеност на неповратни промени;

(vi) директно или опипливо е поврзан со настани или живи традиции, со идеи или со верувања, со уметнички или книжевни  дела кои имаат исклучително универзално значење;

(vii) содржи врвен природен феномен или подрачја со исклучителна природна убавина и естетска важност;

(viii) исклучителен пример кој претставува битна фаза во историјата на планетата, вклучително да има и белези на живот, значајни тековни геолошки процеси во развојот на геолошките облици, или значајни геоморфни или физиографски одлики;

(ix) претставува исклучителен пример кој отсликува значајни тековни еколошки и биолошки процеси во еволуцијата и развојот на сувоземните, слатководни, крајбрежните или морските екосистеми и и растителни и животински заедници ;

(x) ги содржи најважните и најзначајните природни живеалишта за зачувување на биолошката разновидност на самото место, вклучително и такви во кои има загрозени видови со исклучителна универзална вредност од научна гледна точка или од гледиште на заштитата;

Критериумите се применуваат ригорозно за да не се случи Списокот на светското наследство да стане предолг и да се претвори во обичен попис на места кои државите би сакале да ги стават на списокот.

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: