Месопотамија (2)

 

Областите на Предна Азија биле едни од главните предводници во неолитската промена, па на  овие простори се појавила една од првите цивилизации во историјата – сумерската цивилизацијата. Сумерската цивилизација се развила на устието на Еуфрат и Тигар, иако во неолитските достигнувања предност имале околните ридски области. Во 5 и 4 милениум п.н.е. во некои од овие подрачја се наоѓаат очигледни обележја на собирање поголемо население на едно место со елементи на град, општествена раслоеност, поделба на трудот (земјоделство, сточарство, трговија и администрација), еден вид политичка организација и планско водење на животот.

Но, на споменатите места имало прекин, а развојот продолжил на друго место од тоа подрачје, во сливот на Еуфрат и Тигар, во земјата на сумерскиот народ – народ за кој не знаеме ни кога, ниту пак од каде се преселил и доселил, па дури ни на која поширока етничка група припаѓал. Таму, покрај Персискиот Залив, уште во 5 милениум п.н.е. се наоѓала населбата Ериду со храм од тули, а на преодот во 4-тиот милениум п.н.е. веќе постои Урук (Варка), за да  набрзо потоа се појават бројни градови како Ур, Лагаш и Нипур. Ова се простори каде најрано се појавиле сите облици на цивилизацијата  – градовите, државата, писмото, значително развиена техника и поголемо производство, се појавиле егзактните знаења и училишта, а богатата и разгранета трговија ги потикнувала и околните области да влезат во ваквиот цивилизациски круг.

Во близина на Сумерите живееле други народи, на исток Еламитите, на север Акадијанците (Вавилонците и Асирците) и Хуријците, и со текот на времето на тие простори ќе дојдат и други: Гути, Хетити, Касити, Аморејци, Медијци, Персијци и уште многу други. Сумерите уште во 3 милениум п.н.е. потпаднале под власта на северните соседи Акадијанците, за да повторно ја повратат слободата, а потоа повторно да ја изгубат. Со текот на времето, овој народ ќе исчезне, но сумерскиот јазик останал до длабоко во 1 милениум п.н.е., името Сумерјанин долго време ќе означува учен човек, а клинестото писмо милениуми п.н.е. ќе биде писмо на овие простори.

Сумер ќе биде поттикнувач во урбанизацијата на овие простори и ќе им даде голем број на културни елементи. Не само на подрачјето на т.н. плодна полумесечина долж Еуфрат и Тигар каде ќе израснат градови како Киш, Марфија, Ашура, Нинива, Керкемиш, Вавилон, туку и во Сирија каде што се развиле силни трговски центри како Угурит, Библос, Кадеш и други.

Додека Елам на исток долго време се држел настрана и Еламитите подолг период етнички се одржале, сумерската област рано била изложена на упади на народи од север и од запад, Семити, Индо-Иранци и други групи што резултирало не само со освојување на Сумерите и изумирање на тој народ, туку и со честа смена на државите, војни и освојувања. Најпрво тоа го направиле Семитите од Акад, чиј владетел Саргон во 24 век п.н. e. основал голема држава, која се протегала од Персискиот Залив до езерото Ван на север и сирискиот брег на запад. Со текот на времето, тие ќе додадат елементи на нивната култура во сумерската цивилизација, во прв ред религиски, за подоцна градот Вавилон да стане културен центар на Месопотамија. Во 18 век пред н. е. во тие области упаѓаат и Индо-Европејците, од кои најпознати се Каситите. На север, Асирците исто така основале своја држава и тргувајќи во Мала Азија, таму ги поставиле темелите на бројни градови. После нив, голема држава ќе биде создадена од страна на Хуријците, кои ќе започнат борба за превласт во тоа подрачје. Во централниот регион на Мала Азија, доминантна позиција оствариле Хетитите, народ кој љубоморно ја чувал тајната за производство на железото врз која се темелеше моќта на нивната држава. Потоа, тие ќе се борат политички со Египет за превласт во Предна Азија, па така во 2 милениум п.н.е. тука започнува и културното влијание на Египет.

Многу градови на тие простори постоеле во тоа време како независни држави. Во 2 милениум п.н.е. од сите културно најинтересен е Угарит, кој бил голем трговски и културен посреднички центар. Зачувана е неговата богата архива со натписи на акадски, хетитски и хурски јазик, па тука ги наоѓаме едни од првите докази за потеклото на алфабетската азбука. Со пропаѓањето на Крит на почетокот на втората половина на 2 милениум п.н.е. се зголемила важноста на феникиските градови. Тие стануваат трговски господари на Средоземјето, по него ги формираат своите градови-колонии и ги пренесуваат цивилизациските достигнувања. Феникијците се познати и по алфабетската азбука, која потоа ќе стигне до Грците и Римјаните.

Во овој котел на народи (како што ја нарекуваат областа на Предна Азија) кои основале држави, воделе војни, освојувања, се преселувале едни со други, се рушеле градови (Вавилон, на пример, бил разрушен неколку пати и повторно обновуван), наметнувале политичка власт, религија, јазик или биле потчинети, асимилирани или уништени, имало и случаеви на договори за пријателство меѓу државите со цел да се овозможи мирен живот и економски развој, кои биле склучени помеѓу големите држави и малите градови-држави.

На преминот од 2. во 1-от милениум п.н.е., водејќи битки  со градовите-држави во Палестина и јужна Сирија, таму ќе воспостави држава и еврејскиот народ, познат по својата религија. Сличен номадски семитски народ биле Арамејците (Сиријци), кои талкале по просторите на Месопотамија и Сирија и таму ги основале своите кнежевства, потоа и државата, а во 1-от милениум п.н.е. нивниот јазик ќе стане општ говорен и литературен јазик на Предна Азија.

Како сурови војници во тие области, најпознати се Асирците, кои рано влегле во историјата и потпаднале под сумерско-вавилонското културно влијание, ја изградиле својата држава и во 2-от милениум п.н.е. не само што тргувале, туку станале и политичка сила. Сепак, нивните освојувања биле најуспешни во првата половина на 1-ви милениум п.н.е. Тие се познати и по своите монументални градби и библиотеката на Ашурбанипал, чии остатоци се вреден извор за историјата на древниот Блиски исток.

Тие на овие простори ќе бидат заменети со Персијците, кои во втората половина на 6 век п. н. е. ќе создадат најголемо царство дотогаш, од Мала Азија и Египет до Инд на исток. Персијците биле Аријци и ќе влезат во историјата по мошне организираната администрација и толеранцијата кон потчинетите народи, а мошне позната ќе остане и нивната религија, Маздаизмот, чиј реформатор бил Заратустра.

Персија сакаше да го прошири своето влијание не само на исток, туку и на запад, но во оваа желба ќе се судри со еден европски народ, античките Хелени. Сите нејзини обиди во 5 век. пред н. е. да ги скрши Хелените (Грците) пропаднале.

Потоа, Александар III Македонски во втората половина на 4 век. п. н. е. ќе ги освои и стави под своја власт областите на Предна Азија сè до Инд. Подоцна, Персија била повторно обновена, но на поголемиот дел од поранешната држава на Александар, древните македонски владетели и наследници на Александар ќе бидат заменети со Рим.

Народите на овие простори културно влијаеле едни на други, така што има видливи сличности, но многу од нив, исто така, ја задржале својата религија, јазик и обичаи и внесувале нешто свое во уметноста и управата. Тука живееле многу етнички групи, на голем број не им го знаеме ниту името. Дури и во првите векови на византиското владеење, имало околу осумдесет различни етнички заедници кои живееле само во областа на Мала Азија. /П.Ц./

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: