Семејски културен простор и усна култура

Семејската култура е впишана во 2008 година на Списокот на нематеријалното (духовно) културно наследство на човештвото (првично потврдено во 2001 година) која е со потекло од Руската Федерација.

Семејските заедници се формирани од група на таканаречени „стари верници“, верска заедница која потекнува од времето на дејствијата и промените во Руската православна црква во седумнаесеттиот век. Имено, откако патријархот Никон на Руската православна црква , ги воведе црковните реформи со кои се обидуваше да се приближат руските црковни обреди на обредите на грчката православна црква (1652-66), настана раскол во 1666 година, при што од Црквата се одвоија „старо-обредниците“ (старообря́дцы) или „старо-верниците“ (старове́ры) кои не ги прифатија овие промени. Старо-обредниците продолжија да ги изведуваат обредите на стариот руски начин и покрај силната репресија од страна на Црквата и руската држава. Така, нивната историја е обележана со притисоци и прогон. Тие се преселиле во тогашниот полски, а денес белоруски град Гомел. За време на владеењето на Катерина Велика, овие верници во „стариот систем“ биле протерани на рускиот југ во Бурјатија во Забајкалскиот регион во Сибир, под изговор дека таму можат да служат како фармери на Козаците кои ја чувале руската граница од Монголите. Во оваа оддалечена област, каде и денес живеат,тие ги сочувале елементите од нивната стара традиционална култура, формирајќи посебен групен идентитет.

Семејскиот културен простор, кој се наоѓа источно од езерото Бајкал, претставува остаток на културни традиции во Русија од пред седумнаесеттиот век. Заедницата, која брои околу 200.000 луѓе, зборува на  јужно руски дијалект во кој има позајмици од белоруски, украински и бурјатски јазик. Семејската заедница се уште практикува стари православни ритуали и ги извршува секојдневните активности главно врз основа на култот на семејството – називот Семејски се однесува на „оние кои живеат како семејство“ и на силни морални принципи. Тие се одликуваат со нивната традиционална облека, ракотворбите, живеалиштата, сликарството, украсите и храната, како и нивната музика. Значајни се и нивните полифонски хорови, кои изведуваат традиционални песни на семејни прослави и општопознатите фестивали. Овие песни изведувани на специфичен начин на пеење (драули) и влечат корени од руската литургиска музика од средниот век.

Заедницата на „старите верници“, препознатливи како чувари на традициите, е во постојано опаѓање и намалување. Сепак, искрената подготвеност да се заштити ова наследство е поткрепено со разни иницијативи, како на пример создавањето на Семејскиот културен центар во селото Тарбагатај.

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: