Христијанството ја усвојува старозаветната догматика, но ја дополнува со одредени елементи кои во Стариот Завет не биле доволно нагласени или по самата природа на нештата не ни можеле таму да постојат. Се смета за легитимен наследник и продолжување на старозаветниот монотеизам, но дополнет со нови откровенија. Христијанството се претставува себе си како исполнување на старозаветните месијански надежи и очекувања. Тоа е Нов Завет. Кога Св. Писмо на Стариот Завет се разгледува од христијанска гледна точка , тоа е само една подготовка за христијанството, тоа е „сенка на новозаветната реалност “ (Кол. 2,16; Гал. З,24; Јн. 1,17; Лк 16,16; 24, 44; Mт. 1,22; 11,13; 4,14; 8,17; 13,35; 21,4; 2,5; 2,17; 3,3; Лк. 3,4; 18,31; Јн. 1,23; Јн. 1,45; Јн. 12,38; Дел. Ап. 2,16, итн.) Позната е поговорката: Novum Testamentum in Veteri latet, Vetus in Novo patet (Новиот Завет е скриен во Стариот, а Стариот Завет е откриен во Новиот).
Ова се некои од христијанските дополнувања на старозаветната догматика:
1) Бог е еден, вели старозаветниот монотеизам. Според христијанството тоа е сосема точно, но, во таа една единствена и неразделна Божја суштина , има три лица на еден Бог: Отец, Син и Светиот Дух.
2) Бог делува во светот и се јавувал на татковците на избраниот народ на различни начини, тврди старозаветниот монотеизам. Според христијанството и тоа е сосема точно, но тоа не е сè. Не само што Бог со својата промисла интервенира во текот на настаните во светот, не само што говорел преку пророците, туку Тој, од преголема љубов кон човечкиот род, ја примил на себе човечката природа и поживеал со луѓето, за да ги спаси од вечната пропаст, која би им следувала поради гревот (Јн. З, 16; Мт. 20,28).
Како што вели апостол Павле: „И, навистина, голема е тајната на побожноста: Бог се јави во тело, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше навестуван меѓу народите, светот Му поверува и се вознесе во слава.“ (1. Тим. 3,16). /ИР/
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |