Догматското учење на старозаветната религија (2)

За светот. Според верувањето на старозаветниот монотеизам, како што е искажано во Библијата, светот не е ниту самобитен ниту вечен, туку е создаден. Бог го создал во текот на шест дена на создавањето. На првиот ден, Бог ги создава небото, земјата и светлината. Вториот ден, небесниот свод над земјата, на третиот ден земјата, морето и растителниот свет, на четвртиот ден небесните светла, на петтиот ден животните во морето и птиците во воздухот, на шестиот ден другите копнени животни, а на крајот човекот. Седмиот ден го посвети и одреди за празнување (Битие 1-2). Според Библијата, само Бог во суштина е свето битие, а сите други тела во вселената се само Божји суштества, односно Божји креации.

Библиската космографија ги има во себе сите елементи на космографија кои биле модерни во времето кога биле пишувани разните книги од Библијата. Така, на пример, според одредени изреки во Библијата, земјата е плоча поставена на вода (Пс. 135,6). Небото е тежок тврд свод над кој се наоѓа водата на небесниот океан (Битие1,6-8; 7,11; Пс. 148,4). Земјата е утврдена на нејзини темели, за да не се разниша никогаш (Пс.103, 5). Сите овие претстави за вселената постоеле во тогашната астрономија.

Но, за големо чудо, во Библијата има одредени астрономски претстави што биле непознати за тогашниот свет во времето кога таа била пишувана. Така, на пример, според Библијата, Земјата е „опкружена со бездна како со облека“ (Пс.103,6). Овие зборови ни даваат слика за Земјата која како слободно тело лебди во  бездна, во неизмерна вселена, која од сите страни ја опколува, „како со облека“. Во тоа време, никој немал таква претстава за Земјата. Додека други народи верувале дека Земјата е закачена на небото  и виси на златен ланец, или е поставена на грбот на кит или желка, кои пливаат по светскиот океан, Библијата изрично го порекнува ова со зборовите што Јов му ги упатува на Бога: „Ја закачи земјата на ништо“ (Јов 26, 7). Со други зборови, Земјата воопшто не виси на ништо, туку е опкружена со бездна од сите страни, т.е. со неизмерен вселенски простор, кој како облека ја опкружува од секаде. И уште нешто понезамисливо за тоа време! „Бог ја придвижува Земјата за да и треперат столбовите“ (Јов 9,6). Кога тие зборови биле напишани во Библијата, никој не помислувал за можноста Земјата да се движи.

Вселената, според учењето на старозаветниот библиски монотеизам, не е вечен, туку создаден. Таа не се создала сама од себе од некаков вечен хаос, како што учеле разни политеистички митологии, а како што всушност тоа  истото го застапуваат разни современи космогониски хипотези, туку Бог премудро ја создал со својот разум (Пс.103,24; 135,5). На целата творба, односно креација, ништо ново не може да се додаде, ниту од создаденото нешто дефинитивно да се уништи. „Разбрав“, вели Библијата, „дека што прави Господ, останува засекогаш, кон тоа нема што да се додава, од тоа нема што да се одзема“ (Кн. Проп. 3,14). Создавањето од ништо е чин што не се повторува.

Светот навистина е променлив и минлив, но при сето тоа тој е вистинска објективна стварност што постои надвор од нашиот дух, а не само наша претстава, како што учи идеалистичката филозофија; или дека е маја, привидение, како што поучувале азиските религии и филозофии.

За разлика од песимистичките филозофии и религии, Библијата позитивно ја цени вредноста на светот. Во него, според старозаветната Библија, навистина има зло. Па доколку светот со злото што е во него се гледа без поврзаност со Бога, туку атеистички, тогаш според Библијата тој е „суета над суетите“ и „мака за духот“ (Кн. Проп. 1,2 и 14). Но, ако светот се гледа во поврзаност со Бога, тогаш тој е создаден „многу добро“ (1 Мојс  1,З1), и тоа не само пред гревот, туку и откако гревот влегол во овој свет (Пс. 103). Егзистенцијата не е сама по себе зло, како што учи будизмот, туку таа е нешто вредно и позитивно, затоа што е дар од Бога.

За човекот. Човекот, според учењето на старозаветниот монотеизам, е последното дело на Бога во низата на создавања. Тој не е создаден како другите суштества, туку со посебен, извонреден креативен Божји чин, и тоа според ликот на Бога. Неговото тело Бог го направил од земја, а духот што го оживува му е вдахнат непосредно од Бога. Човекот е создаден да биде господар на светот (1 Мојс.  1,26-28). Тој е  создаден за вечно блаженство (1 Мојс.  2,7-17). Но, заведен од искушението на ѓаволот, човекот ја прекршил Божјата заповед, а со тоа ја вовлекол целата земја  во проклетство, а себе си и своите потомци во маки, болест и смрт. Според зборовите на Библијата, Бог му изрече на Адам по падот, ваква пресуда: „Бидејќи ја послуша жената и вкуси од дрвото, од кое ти забранив и реков:  не јади од него – затоа земјата нека биде проклета поради тебе; со мака  ќе се храниш од неа сè до крајот на твојот живот; трње и троскот ќе ти раѓа; и ти ќе јадеш трева полска. Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сè дури не се вратиш во земјата од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш (1 Мојс. 3,17 – 19). Така, според учењето на старозаветниот монотеизам, после смртта човечкото тело оди во земјата, а духот ќе се врати кај Бога кој го даде (Кн. Проп. 12,7).

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: