Догматското учење на христијанството (2)

Со својата догма христијанскиот новозаветен монотеизам е поблизок, поконкретен и поопиплив од другите видови на монотеистички религии.  Богот на старозаветниот монотеизам, со својот стил, дело и промисла, колку и да е присутен во светот и во историјата на човештвото, сепак е значително подалеку од човековата природа отколку што е Богот на новозаветниот христијански монотеизам. Затоа што, според христијанството, Бог станува човек, живее со луѓето во прави овоземски околности, исто како и секој друг човек, во сè како нас, освен во гревот. Не може да се замисли поблизок и потесен однос меѓу Бог и човекот, односно порелигиозна религија, отколку таа што ни ја изложува христијанската догматика.

А како се случила и остварила таа голема тајна? Со превечниот совет на Светата Троица —вели христијанската догматика — Второто Лице на Светата Троица, Бог Синот, ја примил врз себе потполната човекова природа, освен гревот, и на тој начин кој за човечкото знаење и разбирање е недостижен, се отелотворил од Светиот Дух и Дева Марија и постана човек (Лк. 1,26-38). Роден во Витлеем, живеел во Назарет, до својата триесетта година тој бил непознат за светот. А потоа излезе на своја јавна проповед, велејќи за себеси дека тој е ветениот Месија, Христос, чие доаѓање го најавуваа старозаветните пророци. Тој не дојде да го спаси само израелскиот народ, а уште помалку да воспостави политичко еврејско царство, туку , како суштински Божји Син, како Богочовек, со својата смрт и воскресението да ја победи смртта и да го избави родот на Адам од Божјата осуда на вечно проклетство поради прародителскиот грев (Јн. З, 16; Рим. 5,12; Кор.15,21-22). Така, Бог, кој од дамнина, како што тврди старозаветниот монотеизмот многупати и на многу начини  „им зборуваше на нашите татковци преку пророците, во последниве денови – вели новозаветниот монотеизам, ни зборуваше преку Синот“ (Евр. 1,1).

Така поучува христијанството за Бога, со својата наука за Христовите чуда, а особено со чудото на Христовото воскресение, кое во новозаветното Свето писмо (1 Кор. 15,14) е прогласено за основа и камен-темелник на целата христијанска религија и теологија. Исто така, како неоспорен факт христијанската теологија ги наведува остварувањата на пророштвата на старозаветните пророци за личноста на Исус, и Христовите пророштва за Евреите, за Ерусалим (Лк. 19,41-44), за неговите ученици (Мт 10,17-22) и за Него самиот (Мт. 16,21; 17,23; 20,18-19; Мк. 8,31-33; 9,30-32; 10,32-34; Лк.9,21—27; 9,43-45; 18,31-34).

3) Но, исто така, Христос востановил својата Црква (Мт. 16, 17) преку која, според учењето на христијанската догматика и верувањето на христијаните, Светиот Дух делува со осветување на луѓето помагајќи им во нивното морално усовршување, а со својата благодат која на верниците им се дава преку светите тајни. Оние членови на црквата, кои со користење на благодатта на Светиот Дух, ќе постигнат  голема мерка на светост, уживаат почитување на другите христијани како светци. Најсветата личност меѓу сите човечки битија, според учењето на христијанската догматика, е Света Дева Марија, Мајката Христова, Богородица. Или речено строго догматски: Вистинската Богородица (Лк. 1,28; 41-43; 48).

Човекот е круна на Божјото создавање во видливиот свет. Тој е единственото битие во видливиот свет создаден според  образот (сликата) на Бога (Бит. 1, 27). Човекот, по својата природа и достоинството пред Бога, е „малку помал од ангелите“ (Пс. 8,5). Така учи старозаветниот монотеизам. Вака поучува и новозаветниот христијански монотеизам . Но, неговата антропологија не завршува тука, туку таа слика за човековото достоинство ја дополнува со учењето за падот, искупувањето и воскреснувањето на човекот. Човекот со падот во гревот, постанал во однос кон Бога „чедо на гневот“ . Со Христовото доаѓање и искупувањето кое го извршил Христос, човекот повеќе не е „чедо на гневот“, ниту „роб Божји“, туку по благодатта син Божји (Рим. 3,23-25; 5,12 и 18; Гал. 4,1-7). Оттука христијанинот му се обраќа на Бога како на свој Татко кој е на небесата, што во старозаветното време било нешто нечуено.

Човечката душа според учењата и на старозаветниот и според новозаветниот монотеизам е бесмртна (Бит. 25,8; 49,33; Кн. Проп. 12,7; Мт 10,28; 22,32; Лк. 16,19-31; 23,43; Филип. 1,23; 1Петр. 3,18-20; Откр. 6,9-10), и после смртта на телото, престојува во духовниот свет во онакви околности како што ги заслужила со својот земен живот, и кои одговараат на нејзините морални квалитети, сè до денот на општото воскресение, кога повторно ќе се соедини со своето воскреснато и преобразено тело, за да човекот како интегрална личност излезе на општ и конечен  Божји суд при второто Христово доаѓање. После тоа, настанува вечниот живот на идниот век во околности сосема различни од сегашниот живот.

Тоа е во кратки црти догматско учење на новозаветниот христијански монотеизам. Тоа во сумиран, концизен облик и званична црковна формула е изразено во Никејско-цариградскиот символ на верата, кој гласи:

Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и на земјата и на се видливо и невидливо;

И во Единиот Господ Исус Христос, Син Божји, Единороден, Кој е роден од Отецот пред сите векови;

Светлина од Светлина, вистински Бог од вистинскиот Бог, роден, нестворен, единосуштен на Отецот, преку Кого све станало;

Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небесата, и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек.

Кој беше распнат заради нас во времето на Понтиј Пилат и страдаше и беше погребан;

И Кој воскресна на третиот ден, според Писмото.

И Кој се вознесе на небесата и седи оддесно на Отецот;

И Кој пак ќе дојде со слава, за да им суди на живите и на мртвите, и Неговото Царство не ќе има крај;

И во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој исходи од Отецот, Кој со Отецот и Синот е почитуван и славен, и Кој говорел преку пророците.

Во едната, света, соборна и апостолска Црква;

Исповедувам едно крштение,за проштевање на гревовите.

Го чекам воскресението на мртвите;

И животот во идниот век.

Амин!

/ир/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: