Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријално културно наследство во Република Македонија

Поминаа повеќе од 16 години од донесувањето на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита, афирмација и промоција на светското нематеријално културно наследство во 2003 година. Оваа Конвенцијата се покажала како една од најважните акти на УНЕСКО зашто е ратификувана, одобрена или прифатена од 178 земји.

Претседателката на Националниот комитет на  ИСТМ (Интернационален совет за традиционална музика) Велика Стојкова-Серафимовска потенцира дека е долг процесот за да се заштити некое духовно добро на листата УНЕСКО, а во донесувањето на одлуките често има и политичко влијание. Формуларите  се специфични и тешки и бараат одговори на стриктни прашања. Добрата треба прво да се заштитени дома, на националната листа, која во Македонија постои и се надградува.

– Треба да се покаже и сериозноста на државата, бидејќи кога еднаш ќе се заштити едно добро, па макар и на националната листа, презема обврска да ги спроведува актите од Конвенцијата. Процесот не е брз и едноставен, туку комплексен. Перспективата и антрополошкото толкување треба да ги даде научник. УНЕСКО бара тоа да биде живо културно наследство, кое се уште се пренесува по устен пат. Придобивката од впишувањето на листата е во признавањето на посебноста на светско ниво. Заштитувањето и реафирмирањето на доброто го брендира регионот, го прави препознатлив и носи економски бенефит, вели Стојкова-Серафимовска.

Националниот комитет на ИСТМ за Македонија во 2016 год. го организираше првиот официјален работен семинар за обука на тема: „Имплементација на УНЕСКО конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото (Париз, 2003) на национално ниво“,во партнерство со Националната Комисија за УНЕСКО за Република Македонија и Регионалниот центар за заштита на нематеријалното културно наследство во југоисточна Европа со центар во Софија (Бугарија), а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.

Генералниот секретар на Националната комисија за УНЕСКО, Лидија Топузовска, на отворањето на обуката потенцираше дека Република Македонија во 2006 година ја ратификуваше Конвенцијата за зачувување на нематеријалното културно наследство на човештвото, а во нејзината имплементација се вклучени носителите на нематеријалните добра, локалната самоуправа, државните овластени субјекти за заштита на духовното културно наследство, како и невладини организации и поединци. Таа нагласи дека на својата национална листа, Република Македонија (дотогаш) има впишано повеќе од 80 нематеријални културни добра.

Република Македонија е една од првите држави во светот кои ја потпишаа оваа конвенција, која на национално ниво е ратификувана во 2006 година. Од тогаш Министерството за култура презеде низа активности во однос на имплементација на Конвенцијата и назначување на правни субјекти кои се носители на предметот за заштита, со што дрѓавата и активно се вклучи во заштита на нематеријалното културно наследство во Република Македонија, а се донесени и неколку законски акти во доменот на Законот за заштита на културното наследтсво кои се однесуваат токму на овој предмет.

Од 2013 година Република Македонија успешно реализираше впишување на неколку нематеријални културни добра во листите на УНЕСКО: Обичајот „Четрсе – прославување на Светите 40 Маченици“ од Штип и орото „Копачката“ – машко соборно оро од село Драмче, Пијанец, кои се впишани на репрезентативната листа на УНЕСКО и двогласното машко пеење „Гласоечко“ од Долни Полог, впишано на УНЕСКО листата за ургентна заштита, како и две мултинационални нематеријални културни добра „Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 Mарт – Мартинки” (со заедничко учество на Македонија, Романија, Бугарија и Молдавија) и „Пролетните веселби: Хидрелез/Ерделези“ (заедничко учество на Македонија и Турција).

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: