Култот во старозаветната религија

Култот на старозаветната монотеистичката религија се развивал постепено. Во првите, најстари времиња за кои говори Библијата, не се спомнуваат празници или утврдена форма на култ. Секако, Библијата уште на самиот почеток, кога говори за шестдневното создавање, тврди дека Бог го благословил седмиот ден. Но, од нејзиното искажување не се гледа дека човештвото имало некој одреден ден на славење (во текот на годината, на пр.), или некој посебен празник. Дури во 2. Мојс. книга гл. 5,1 пред самото заминување на израелскиот народ од Мисир, за прв пат се спомнува дека израелскиот народ треба да слави некој празник во пустинатата, но од библискиот текст не се гледа каков е и за кој празник станува збор.  А кога излегле од Мисир и дојдоа во пустината, тогаш преку Мојсеј, Бог им зборува на Израелците кога е сабота, им објаснува што е саботата и соопштува  дека тоа е празник што Бог сака тие да го слават во знак на послушност кон Него (2. Мојс. 16,4-30).

Молитвата и принесување жртви постоеле, според сведоштвото на Библијата, уште порано (1. Мојс. 4,3-5, 8,20; 22,1-14; 15,6-11), но по повод некои важни случувања и без некој познат одреден култ, празник, литургиско правило и тип. Подоцна, по пристигнувањето на израелскиот народ во пустината и во земјата Ханаан, се развива култ со строго утврдени празници и култни прописи за празниците. Меѓу празниците, најважна е саботата која се празнувала секој седми ден во спомен на шестдневното создавање на светот, а која покрај тоа била знак меѓу израелскиот народ и Јахве, и уште како седмично сеќавање на излегувањето на израелскиот народ од Мисир (2. Мојс. 20,10-11; 31,12-13; 3. Мојс. гл. 23; 5. Мојс. 5,15). Освен саботата, постоеле и други големи годишни празници од кои најважни биле Пасхата како спомен на заминувањето од Мисир, празникот Сеница, празникот Прочистување и други празници за кои подетално се говори во З. книга Мојс.  гл. 23. Сите тие, како и саботата, се „Празници Господови“ (3. Мојс. гл. 23).

Постоела и посебна свештенички класа, цело Левиево племе, со посебни права и должности. На самиот почеток, култот бил строго врзан за скинијата, односно подвижен храм во кој постоеле три дела. Едниот бил за народот, еден за свештенството, наречено светилиште, во кое служеле свештениците. Најсветиот дел од храмот бил светина над светините. Таму се наоѓал ковчегот на заветот со плочите на Декалогот, добиен од Бога во Синај. Над ковчегот на заветот имало две златни статуи на херувими. Во тој дел од храмот влегувал само првосвештеникот и тоа само еднаш годишно, на празникот Прочистување. Подоцна, во времето на Соломон, бил изграден прекрасен храм со кој бил поврзан целокупниот култ на старозаветната монотеистичката религија.

Жртвите биле крвни и бескрвни. Биле принесувани според строго определени прописи, од кои не смеело ни малку да се отстапи. Покрај тоа, на богослужбата се кадело, се читале молитви и биле пеени псалми. За време на свечените богослужби пееле големи левитски хорови при што се употребувале труби и други музички инструменти. Сето тоа,  сигурно оставало многу силен впечаток на светост и свеченост. Подетално за култот говори посебна наука, Библиска археологија.

Историјата на израелскиот народ, како носител на старозаветниот монотеизмот, била мошне бурна и драматична. Израелците честопати потпаѓале  во политичко ропство, кое било крајно тешко и сурово. А често паѓале и во многубоштво под влијание на соседните политеистички народи. Секое такво паѓање во ропство Библијата го толкувала како последица на гревот поради одрекнување од вистинскиот Бог и како Божја казна за тој грев. Но, и покрај сите овие многубројни трагедии на израелскиот народ, сепак, старозаветниот монотеизам бил зачуван во својата оригинална форма. /ИР/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: