Свеста за нашето наследство

„. . . оштетувањето или исчезнувањето на….културното или на природното наследство претставуваат штетно осиромашување на сите нации во светот.“ – Преамбула на Конвенцијата за светското наследство

Што е наследство?

Наследството често се дефинира како она што ни е оставина од минатото, она со што живееме денес и она што им го оставаме на идните поколенија за да учат од него, за да му се восхитуваат и за да уживаат во него.

Можеби сакате за наследство да ги сметате оние места и предмети што сакаме да ги зачуваме. Тоа се културни и природни места и предмети што ги цениме бидејќи ни доаѓаат од предците или се убави, важни за науката и незаменливи примери и извори на живот и инспирација. Тие ни се мерила, референтни точки, наш идентитет. Ова наследство често ги одразува животите на нашите предци и често денес опстанува само благодарејќи на конкретните напори да се зачува.

Можете ли да си го замислите крајот во кој живеете без наследство? На пример, размислете за местата каде што живеете.  Што ги претставува минатото, сегашноста и иднината? Што треба да се зачува? Што е заменливо? Што е незаменливо?

Светот има и културно и природно наследство. Можеби знаете за археолошки локалитети или локалитети со карпеста уметност во вашиот крај, за некоја црква, за некое друго верско место или светилиште или за некој историски град. Ова се вика културно наследство. Сево ова е недвижно наследство (зашто не може лесно да се премести). Предметите кои претставуваат наследство, како парички, ботанички примероци, слики, статуи или археолошки предмети, се движно наследство (лесно може да се пренесат од едно на друго место).

Сериозни опасности за опстанокот на нашето наследство

Нашето културно и природно наследство е кревко и досега било изложено на многу опасности, особено во изминативе сто години. На пример, во текот на Првата светска војна се уништени голем број стари гратчиња и градови. Оштетени се или уништени важни споменици на културата. Нашето наследство било во опасност и поради сè поголемата урбанизација, сиромаштија, природните катастрофи и загадувањето на животната средина. И сè помасовниот туризам опасно им се заканува на голем број споменици и локалитети. Една од најголемите опасности за опстанокот на наследството е негрижата на многумина во целиот свет.

За да одговори на овие нови опасности, во годините меѓу двете светски војни Лигата на народите, претходникот на Обединетите нации, започнала да работи на изнаоѓање начини за заштита на нашето наследство. Лигата ги повикала државите во светот да соработуваат во заштитата на наследството. Кога во 1945 година, по крајот на Втората светска војна, се формирала Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), овие активности се забрзале преку неколку кампањи за спас на локалитети со особена важност и со усвојување на нови меѓународни конвенции и препораки за заштита на наследството на човештвото. Една од тие конвенции е наменета конкретно за заштита на културното наследство во случај на војна: Конвенцијата за заштита на културните добра во случај на вооружен судир (позната и како Хашка конвенција од 1954 година). /ОП-УНЕСКО

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: