Смислата и вредноста на животот во христијанството

Старозаветниот монотеизам во основа е оптимистичен. Светот е дело на Бога, животот е дар Божји, затоа егзистенцијата има позитивна вредност, а не негативна, како на пример според будизмот. Ова е основа на библискиот оптимизам. Но, овој библиски оптимизам е различен од оптимизмот на Лајбниц. Лајбницовиот оптимизам се заснова на една логичка дедукција за чија оправданост може да се расправа. Сепак, библискиот оптимизам се заснова на фактичка состојба. Овој свет не е најдобриот од сите можни светови, како што поучувал Лајбниц, но сам по себе сепак е „многу добар“, според проценката на Библијата (1. Мојс. 1, 31).

Но, во овој свет, кој произлегол од Божјите раце „многу добар“ пред да се појави првиот грев, сега има многу зло. Толку многу, што Бог покрај разните други казни, во еден момент го казнил целото човештво со потоп (1. Мојс. 6,5-13). Јасно е, значи, дека од овој конкретно даден свет би бил подобар оној свет во кој не би имало потреба од казни и потоп. Па сепак, покрај сите тие недостатоци, кои поради гревот се појавиле во светот, егзистенцијата сепак е нешто позитивно, нешто што е неспоредливо подобро од неегзистенцијата, или апсолутната нирвана, а светот како целина е нешто извонредно убаво, нешто достојно за воодушевување и восхитување (Псалм 103).

Како што е споменато, во старозаветните книги има песимистички тонови и мисли, особено во Книгата  Проповедник (1,2; 3,19). Но, светот изгледа на Проповедникот  така тажен и безвреден само кога го гледа во атеистичка перспектива. За него, целиот живот и светот се бесмислени и „мака за духот“ само под услов да нема Бог и неговиот суд. Но, како што според длабоко убедување на Проповедникот Бог постои, тогаш животот сепак е радост, бидејќи е дар на Бога (Проп. 9,7), а правдата и мудроста Божја на крајот сепак ќе триумфираат, „оти Бог ќе изведе на суд секое дело и што е тајно, било да е добро или лошо“ (Проп.12,14).

Христијанството ја опфаќа целата оваа старозаветна оценка за светот и животот. И тоа, исто така тврди дека има зло во светот, дури и дека овој свет „во зло лежи“ затоа што е „во власта на злиот“ (1. Јн. 5,19). Според него, овој живот со своите сласти е само „сенка и сон“ – така вели една погребна песна. Но, покрај сето ова, христијанството е далеку од песимистичко. Во основа е оптимистично, како и старозаветниот монотеизам. Оправданост за оптимизмот христијанството наоѓа во воскресението на Христос и во општото воскресение. Радоста на воскресението и вечниот блажен живот е толкава што е во состојба преобилно да ги надомести сите страдања што премногу постојат на овој свет, „кој во злото лежи“. Но, бидејќи светот е дело на Бога и бидејќи промислата Божја раководи со настаните во светот, оптимизмот сепак е основна црта на христијанскиот поглед на светот.

Исто така, христијанството учи дека човекот дури и во овој свет, кој во злото лежи, може да постигне внатрешно духовно блаженство ако својот живот го управува според принципите од кои се раѓа блаженството тука на земјата, а уште повеќе во небесниот духовен свет. Овие принципи, кои иначе ја сочинуваат суштината на христијанските морални должности на човекот кон самиот себе, се изложени во познатата Христова беседа на Гората, а особено во науката за блаженствата. Ако некој кој е сиромашен со духот на злобата и недоброчинството, со духот на овој свет, ако тагува во покајанието, ако е кроток, ако е гладен и жеден за праведност, ако е милостив, ако е со чисто срце, ако е миротворец, ако страда поради праведноста на Бога, ако трпи прогонство заради Христовото име, таков човек е благословен, затоа што ќе има радост на земјата и голема награда на небесата (Мт.5,3-12). /ИР/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: