Соработка на Република Македонија со УНЕСКО

Свети Наум

Република Македонија ги има преземено правата и обврските на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на светското културно и природно наследство од СФР Југославија, која го ратификуваше овој документ уште во дамнешната 1974 година. До моментот на распаѓањето на СФРЈ, на Списокот на светското наследство беа впишани различни видови културно, природно и мешовито (културно и природно) наследство. Меѓу локалитетите беше вклучено и Охридското Езеро како природно наследство (1979), на кое е додадено и културното наследство на Охридскиот регион со што природното и културното наследство на Охридскиот регион од 1980 годината се вбројува меѓу светските локалитети со универзално значење кои се под патронатот на УНЕСКО. Културните и природните вредности на овој локалитет се протегаат на територијата на три општини: Охрид, Струга и Дебарца. Во неговите граници се вклучени крајбрежјето на Охридското Езеро со градовите Охрид и Струга, Националниот парк Галичица и делови од планинскиот простор кон албанската граница од струшката страна.

Во соработката со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Националната комисија за УНЕСКО, преку Министерството за култура на Република Македонија реализирани се значајни активности поврзани со Охридскиот регион како светско културно и природно наследство.

Како една од обврските за придржување кон критериумите на УНЕСКО, беа изготвени и Законот за управување со Охридскиот регион како светско културно и природно наследство и Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, кои беа усвоени од Владата на Република Македонија (2011). На Прелиминарниот список на УНЕСКО, кој е инструмент во процедурата за номинација на Списокот на светското наследство, се вклучени уште неколку локалитети: (1) Кокино – мегалитска опсерваторија од бронзената доба, лоцирана североисточно од Куманово, на висорамнината Татичев камен, потоа (2) Марковите кули во близината на Прилеп, како и (3) пештерата Слатински извор во Поречката област.

Во Министерството за култура на Република Македонија има Сектор за меѓународна соработка со УНЕСКО, но највисокото тело кое ги координира соработката и програмските активности е Националната комисија за УНЕСКО, чиешто седиште се наоѓа во Министерството за култура. Оваа комисија е една од 197-те национални тела формирани за соработка со УНЕСКО во светот. Формирани од своите влади, а во согласност со членот 7 од Уставот на УНЕСКО, овие постојани тела имаат задача да воспоставуваат соработка на владините и на невладините организации со светската организација на полето на образованието, науката и културата. Членовите на Националната комисија за УНЕСКО, претседавана од Министерот за култура и координирана од Генералниот секретар, се избираат од редот на врвни научници и интелектуалци.

Особено е интензивна соработката на полето на културното наследство со Регионалното биро на УНЕСКО за Југоисточна Европа со седиште во Венеција, како и со Центарот за светско наследство на УНЕСКО со седиште во Париз. Приоритетно место во оваа соработка имаат проектите од областа на заштитата, презентацијата и популаризацијата на културното наследство и на разновидноста на културните изразувања.

Покрај финансиската поткрепа на УНЕСКО за нашите значајни манифестации со етаблирана меѓународна позиција, поддршката во реализацијата на семинари, конференции и обуки, со посредство на УНЕСКО се доделени и повеќе стипендии за специјализации поврзани со културното наследство, а особено е важен финансискиот удел на УНЕСКО во реставрацијата и обновата на значајни споменици на културата во Македонија.

Во рамките на активностите во Декадата на ООН и УНЕСКО „Дијалог помеѓу цивилизациите”, Министерството за култура и Националната комисија за УНЕСКО, со директна помош на Владата, организираа повеќе меѓународни собири од највисок ранг. Имено, во Охрид (2003) се одржа Регионалниот форум „Дијалог помеѓу цивилизациите” кој претставува прв самит на претседателско ниво во регионот. На третата регионална конференција на министри за култура (Охрид, 2006) е усвоена Охридска декларација во која се нагласува современиот пристап во зачувувањето и заштитата на културното и природното наследство во регионот како неделиво, заедничко богатство на целиот свет. Во овој документ е ставен акцент на обуката, образованието и на комуникациите, особено меѓу младите кои имаат стожерна улога во зачувувањето на наследството. Во градот на УНЕСКО се одржа и Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на тема „Придонесот на верата и културата кон мирот, заемната почит и соживотот“ (Охрид, 2007). Во рамките на активностите за одбележување на „Декадата за култура на мирот“ се одржа Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог „Религиите и културите – нераскинлива врска меѓу народите“ (Охрид, 2010). Посебно треба да се издвои официјалната посета на генералниот директор на УНЕСКО, г. Коичиро Мацура, (2008) кој го отвори Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство за земјите од Југоисточна Европа, сместен во Музејот на современата уметност во Скопје, кој функционира како дел од Управата за заштита на културното наследство.

Драгоцена за едукацијата и популаризацијата на културното наследство на Македонија е објавената едиција „Македонско културно наследство“, составена од четири книги: „Христијански споменици“, „Османлиски споменици“, „Археолошки локалитети“ и „Охрид – светско наследство“. Во изработката на овој проект, финансиран од Регионалното биро на УНЕСКО, беа вклучени еминентни универзитетски професори и културни експерти. Проектот е промовиран во 2008 година едновремено со публикацијата „Охридските пораки за мир и соживот“ и со ДВД-записот, посветени на Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог (2007).

Соработката и програмските активности на Македонија со УНЕСКО, потоа со Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција, ИККРОМ и ИКОМОС, се засновани на заемна колегијалност, почит и доверба. Секогаш реализирани со висок професионализам, тие претставуваат востановена практика која дава позитивни резултати. Како поддршка на оваа соработка, резултираше и првата посета на генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова, која беше почесен гостин на Министерката за култура на јубилејното 50-то издание на Меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ (2011).

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: