Спасување на светското наследство

Во 50-тите години на минатиот век одлуката да се изгради големата Асуанска брана во Египет ја предизвикала првата меѓународна мобилизација на УНЕСКО за спас на важен локалитет на наследството. Поплавувањето на долината на реката Нил каде што се наоѓаат некои од најбележитите богатства од древната египетска цивилизација, храмовите во Абу Симбел, предизвикало голема загриженост во светот и ја растревожило светската заедница дека е потребно итно да се преземат координирани мерки за заштита. На барање од владите на Египет и на Судан, во 1959 година УНЕСКО повела меѓународна кампања за спас на Абу Симбел. Напорите на УНЕСКО ги поддржале околу педесет држави кои во осумнаесетгодишната кампања за итна заштита донирале вкупно 80 милиони американски долари.

Во текот на еден модерен градежен потфат, камен по камен биле расклопени храмовите на островот Филе и повторно биле изградени на блискиот остров Агиликија, далеку од поплавите кога надоаѓа реката Нил. За да можат спомениците да се сместат на островот, со експлозиви биле разбивани огромни карпи, а на нивно место се ставале тешките камени блокови од ѕидиштата на расклопените храмови. Секој камен блок тежел од еден до дванаесет тона. Морале да се преместат над 40 000 камени блокови. Секој блок бил посебно обележан со број за да се обезбеди точно поставување на новиот локалитет.

Со изградбата на Асуанската брана, храмовите во Абу Симбел ќе биле целосно потопени во водите на реката Нил. Расклопувањето и преселбата на спомениците биле единствениот начин да се спасат овие храмови (кои се пример за она што обично се смета за недвижно културно наследство).

Денес активистите за заштита на наследството во светот сметаат дека е непожелно физички да се преместуваат спомениците од културното наследство освен кога тоа е апсолутно единственото преостанато решение, како што било во случајот со Абу Симбел.

Потфатот за спас на Абу Симбел покажал дека во светот постојат локалитети кои имаат толку исклучителна универзална вредност што ги засегаат и народите кои се далеку од подрачјето на кое се наоѓа локалитетот. Исто така, тој покажал и колку е важна заедничката одговорност и солидарност меѓу различните народи во заштитата на наследството. Успехот на потфатот довел и до други важни потфати за заштита: Венеција во Италија, Мохенџо-даро во Пакистан и Боробудур во Индонезија се само неколку од многуте, меѓу кои има и тековни активности, како што е Меѓународната програма за заштита во Ангкор во Камбоџа.

Изработка на нацрт-конвенција за спас на светското наследство

Поучена непосредно од потфатот за спас на Абу Симбел, со помош на невладината организација Меѓународен совет за споменици и локалитети (ИКОМОС/ICOMOS), УНЕСКО започнала со изготвување на нацрт-конвенција за заштита на културното наследство. САД и Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП, денес познат како Светски сојуз за заштита, и тој невладина организација) предложиле заштитата на природните локалитети и заштитата на културните локалитети да се обединат во единствен правен инструмент. Овој предлог бил претставен на Конференцијата на Обединетите нации за човековата средина во септември 1972 година во Стокхолм, Шведска (кон што дваесет години подоцна, во 1992 година, се надоврза Самитот за планетата Земја во Рио). Со тоа се удрени темелите за создавање меѓународен инструмент за заштита и на културното и на природното наследство со исклучителна универзална вредност. Конференцијата во Стокхолм му ја доверила на УНЕСКО задачата да изготви конвенција што ќе ги штити и културното и природното наследство, бидејќи УНЕСКО е единствената специјализирана агенција во системот на Обединетите нации со широк делокруг кој ги опфаќа образованието, науката и културата.

Неколку месеци по стокхолмската Конференција за човековата средина, на 16 ноември 1972 година, на XVII заседание на Генералното собрание на УНЕСКО одржано во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, се донесе Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство. /ОП-ОН/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: