Во Индија, уште од древни времиња, општеството било поделено на четири касти: брамани, кшатрија, вајсија и судра или парија. Браманите се свештеничка каста и, според верувањето, настанале од главата на богот Брама. Кшатрија е воена каста настаната од градите на Брама. Вајсија е каста на трговци и земјоделци, која настанала од рацете на Брама. Судра е најниската каста на која едвај и се признава статусот на човечки битија. Таа настанала од нозете на Брама. Неа ја сочинуваат воглавно староседелците. Разликите помеѓу кастите се големи, а подвоеноста е остра и силна, па затоа е скоро незамисливо некој да премине од една каста во друга. Таа поделба има свои корени и потпора во религијата на Индија. Поделбата на касти толку многу се вкоренила во Индија што трае дури и денес, после толку векови. Можеби само современиот начин на живот и духот на времето постепено ќе ја уништи. Инаку, иако религијата во Индија имала значителни реформи и промени, кастите секогаш опстанувале.
Во текот на многу векови, религијата во Индија поминала низ многу фази и реформи, променувајќи многу божества. Тие разни трансформации на религиските сфаќања во Индија оставиле длабока трага и во индиската верска литература, во светите книги.
Можат да се забележат три периоди во историјата на религијата во Индија. Тоа се ведскиот период, или ведизмот, браманизмот и хиндуизмот. На историското разминување на браманизмот и хиндуизмот, во индиската религија, во крилото на браманизмот, се јавуваат две силни филозофско-религиски реформски движења. Тоа се џаинизмот и будизмот. А хиндуизмот, кој се појавува како продолжение на браманизмот, се дели во многубројни секти, од кои како најважни се сметаат вишнуизмот и сиваизмот. Од секој од овие периоди останата е богата литература со религиозно-филозофска содржина.
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |