Моралот на старозаветната религијата е строго теономен. Бог е законодавец на моралниот закон и бдее над неговото извршување. Тој ги наградува праведниците и често ги казнува грешниците дури и во овој свет (2. Мојс. 20, 12; Пс. 1.). Библијата ова често го нагласува, па дури и наведува примери за тоа правило. Целата историја на еврејскиот народ, вклучително и прастарото човештво пред потопот, во Библијата се протолкувани од таа гледна точка. Секое страдање на еврејскиот народ е казна за гревовите, а секое избавување е награда и милост Божја над покаениот народ. Еднаш, Бог го казни дури и целото човештво со голем потоп, поради човековите гревови. Само праведниот Ное беше спасен со семејството (1. Мојс. гл. 6-8). Затоа основниот принцип на старозаветната моралност е: „Бој се од Бога и пази ги неговите заповеди, зошто сето тоа е за човекот“ (Кн. Проп. 12,13).
Духот на старозаветниот морал изразен е со идејата за строга праведност: „Око за око, заб за заб“ (З. Мојс. 24,20). А сржта на старозаветното морално учење изразено е во Декалогот, односно во Десетте Божји заповеди. Нивната содржина е општо позната:
1. Јас сум Господ Бог твој, немој да имаш други богови освен мене.
2. Не прави за себе идол, ниту каква слика, на она што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш.
3. Не го изговарај напразно иметото на Господа, твојот Бог.
4. Памти го денот за одмор, за да го празнуваш; шест дена работи и сврши ги во нив сите работи, а седмиот ден посвети го на Господа, твојот Бог.
5. Почитувај ги твојот татко и твојата мајка, за да ти биде добро и долго да поживееш на земјата.
6. Не убивај.
7. Не врши прељуба.
8. Не кради.
9. Не сведочи лажно против својот ближен.
10. Не пожелувај ништо што е туѓо. (2. Мојс. гл. 20)
Како што се гледа од содржината на овие заповеди, со нив е регулиран односот на човекот спрема Бога и спрема другите луѓе. /ИР/
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |