Како што духот на старозаветниот морал кој во значителна мерка или целосно бил исполнет и проткаен со страв од Бога, и заснован врз тој страв, така во христијанството позасилено е застапен духот на љубовта. Стравот од Бога е добар мотив за моралниот живот на човекот, како што учи старозаветниот монотеизам, но и новозаветниот. Но, во христијанството се смета дека многу е подобра и поважна љубовта кон Бога, бидејќи Бог всушност навистина е љубов по својата суштина (1. Јвн. 4,16). Исполнувањето на Божјите заповеди е неопходно. Но, далеку е подобро да се исполнуваат од љубов кон Бога и ближниот, отколку од страв од Божјата казна. Затоа, Евангелието со сета своја сила ги нагласува двете најголеми заповеди: „Љуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој ум!“ и „Љуби го својот ближен како себеси!“ (Лк. 10,27).
Во старозаветниот морал, особено живо е истакната идејата за правичноста: „Око за око, заб за заб“ (2. Мојс. 21,24). Тој принцип како израз на една совршена правда и правичност не е лош. Тој е предупредување за напаѓачот да има во предвид што го очекува, а нападнатиот одмаздник да не претера во својата одмазда и да земе цела глава за еден заб. Но, христијанството нагласува дека за моралниот живот далеку подобра е љубовта, милоста и простувањето. Правдата преку гревољубивата човечка природа може многу лесно да се претвори во злоба и одмазда. А љубовта е над таа опасност. Таа „не му прави зло на ближниот“ (Рим. 13,10; 1. Кор. 13,4-7). Љубовта раѓа прошка и спречува зла крв. Таа, според учењето на христијанската етика е совршенство. Таа е исполнување на законот (Jвн. 14,15).
Сето ова не треба да се разбере како некаков антагонизам помеѓу старозаветниот и новозаветниот морал. Христос јасно кажува дека не дошол да го укине старозаветниот морален закон, туку да го исполни (Мт. 5,17). Ова надополнување на старозаветниот морал со христијанскиот морал на љубовта, тоа е усовршување на старозаветниот морал, но сепак во согласност со старозаветната Библијата, во која двете заповеди на љубовта кон Бога и ближниот, исто така, се кажани (5. Мојс. 6,5; З. Мојс. 19,18), само што во Стариот завет тие биле пренатрупани со разни други прописи и заповеди, така што останале во длабока позадина, едвај забележливи. Меѓутоа, етиката на христијанскиот новозаветен монотеизам ги истакнува овие две заповеди во прв ред, како најважни во целиот закон и за пророците (Мт. 22,З7-40). Покрај тоа, поимот за ближниот во новозаветната христијанска етика е далеку поширок отколку во старозаветната. Според старозаветната етика ближен на човекот пред се е човек со иста националност и вера (2. Мојс. 2,11-14; 3.Мојс. 19,18). Според новозаветната етика, ближен на човекот е секој човек што прави добро, без оглед на националноста и верата, дури и националниот непријател, што јасно следува од Христовата приказна за милостивиот Самарјанин (Лк.10,29 – З7). Христијанската етика бара љубов и кон непријателот (Мт.5,4З-48). Според својата етика, христијанството е религија на апсолутна љубов, исто како што по својата догматика е религијата на искупувањето, воскресението и вечниот живот.
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |