Древните цивилизации, култури и религиите

Проектот Словопедија истражува теми од областа на историјата на религиите и филозофијата, социолошките и културолошки проучувања, како и за природата и  духовните основи на различни човекови култури и цивилизации низ историјата. Воедно, Словопедија е посветен подетално кон одредени религиски, историски и филозофски теми. Фокусот во најголем дел е насочен кон специфични прашања од христијанската религија, филозофија и култура. Притоа настојува да поттикне поотворено размислување и истражување за некои конкретни прашања, да даде придонес кон поголемо разјаснување на некои историски настани и цивилизациски текови, што истовремено би придонело да се зголеми меѓусебната доверба и разбирање на луѓето и поттикне поголема толеранција меѓу нив.  

Историјата на религиите како наука и континуирано научно истражување открива факти од особено значење за самата човекова историја, за разните цивилизации низ историјата и посочува на човековата духовна и религиозна природа во минатото. Таа сведочи дека духовните и религиските верувања како универзална појава се значаен фактор во историјата на човештвото чие што подобро разбирање може да придонесе за поголемо разјаснување на историските настани и појави, подобро разбирање, зближување и почитување на луѓето во денешно време.

Разните религии и култури во текот на историјата се јавувале во различни облици. Како и енергијата, религиите и културите го менувале својот облик, но не исчезнувале целосно. Луѓето низ историјата биле сплотени со религијата која била дел од нивниот секојдневен живот и основа за објаснување на животот и појавите во светот. Религијата не била само едно моментално доживување кое се случува и едноставно заминува, ниту моментално психичко расположение на поединци. Напротив, религијата постои во историјата на човештвото како нераздвоен придружник кој видно учествувал во создавањето на цивилизациите, силно влијаел на формирање на таа историја и има значителен удел во културното наследство на човештвото. Религиските системи се значајна област на истражување и голем предизвик, бидејќи не запознаваат со комплексноста на човековите цивилизации и со еден поинаков аспект на историските настани и факти, како и со возвишените вистини и духовната страна на животот на луѓето. Затоа, за религиите како значаен и влијателен историски факт и создавачи на различни култури и цивилизации ќе стане збор во содржините на Словопедија.

Додека некои луѓе изгледаат задоволни со постоечката научна вистина, други сметаат дека сеуште постојат голем број на неодговорени прашања, недоволно истражени теми и научни аномалии кои треба поинаку и потемелно да се проучат и објаснат. Новите истражувања укажуваат дека одредени историски, цивилизациски и општествени настани се посложени отколку што се сметало. Затоа научната, стручна и академска заедница и јавност, независните истражувачи и интелектуалци, теолозите и другите засегнати или љубопитни, сеуште дебатираат по многу прашања од доменот на религиите, историјата на цивилизациите и различните култури, филозофски, социолошки и другите сродни теми. Од особен интерес е да се објаснат некои запоставени, а сепак значајни историски, религиски и цивилизациски теми и настани, аргументирано да се поврзат заедно во една кохерентна историја, а што одговара и е во согласност со основните факти.

За самите почетоци на религијата и цивилизацијата во човечката историја долго време се дебатира не само од оние што тврдат дека нивниот основач добил откровение од  височините и небото, туку и од оние што сакаат да ја разберат антрополошката еволуција на религијата. Како настанале религијата и цивилизацијата? Како се прошириле? Кои биле нивните различните форми во човечката предисторија и историја? Како и зошто се појавиле? Како влијаеле на историските и политички настани?

Историјата е една од најважните културни алатки за да се разбере одредена ситуација, да се воспостави идентитет, да се дефинира другоста и да се објаснат промените.  Словопедија, меѓу другото, ја истражува и изложува сложената врска меѓу историјата, религијата и културните идентитети, земајќи ги во предвид религиските системи и религиозните групи како создавачи на историски наративи од една страна и како посебни теми на историографијата од друга. Со примена на литературна анализа и споредба, како и историска контекстуализација на оние текстови што се користеле како централни документи за историјата на одделните религии, се прави анализа на историските и културни појави и настани. Се дава преглед и споредбен пристап на медитеранските,  европските, како и азиските религиозни и културни традиции и практики и нивното влијание на секојдневниот живот и обликување на културата и идентитетот на луѓето, со посочување и на самата трансформација на историските и религиските наративи и на нивниот меѓусебен однос и врска.

Многумина сметаат дека не можеме правилно да ја раскажеме историјата, без да ја раскажеме приказната за верувањата и дека не можеме да одговориме на значајни историски прашања, без да се навратиме на религиските или филозофски убедувања на луѓето. Религијата, филозофијата и науката (особено астрономијата) одиграле огромна улога во историјата и политиката во минатото, но тоа честопати поминува непрепознатливо во историската наука и образовнието воопшто. Пред се, поради усвоениот начин на прикажување на историските настани (општествени, политички, културни итн.), т.е. да не се поврзува и преоптоварува историјата во образовниот систем со обемни и сложени религиски и филозофски теми и објаснувања, нешто што овде не е предмет на критика и оспорување, со оглед на денешниот степен на развој на науката и технологијата, практичните цели на образованието и потребата да се почитува секуларноста во современото општество. Но треба да се спомне дека ваквата празнина и упростување, честопати биле предмет на злоупотреба, особено во политички цели.

Словопедија не навлегува во критика на едни или одбрана на други религиски, културни или филозофски верувања, туку настојува да ги прикаже онака како што тие кажуваат и учат за себе. Целта не е читателите да се придобијат за некое верување или тврдење, туку да ги запознае и даде информации за  размислувањата и суштината на одредени културни, филозофски и верски системи и учења низ историјата.

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: