Развојот на историјата на религиите како наука (1)

Сознанието за големото влијание и значење на религијата врз човековите цивилизации и култури низ историјата ќе доведе до развој на историјата на религијата како наука. Првата катедра за историјата на религиите е основана во Женева во 1873 година. Потоа ќе бидат формирани нови катедри за истражување на историскиот развој на религијата  на повеќе универзитети во Европа и Америка. Овие студии за религиска историја потекнуваат и од систематското проучување на религијата како социо-културен феномен и се развиваат во време кога научното проучување на Библијата и црковната историја цвета во Германија и на други места во Европа. Студиите за религиите  биле важни бидејќи религијата и сличните концепти честопати ги обликувале законите и моралните кодекси на цивилизациите, општествените структури, уметноста и музиката.

Историјата на религијата се однесува на пишаните записи за човековите религиозни искуства и идеи. Овој период на религиската  историја започнува со изумувањето на пишаниот збор (пишувањето). Праисторијата на религијата вклучува проучување на религиозни верувања што постоеле пред појавата на пишаните записи.

Позначајните зачетоците на оваа наука постоеле уште во античко време. Уште тогаш некои филозофи и научници ја обработувале проблематиката на оваа наука и собирале материјал за неа.

Древните Грци и Римјани од разни извори добивале известувања за ралигијата на тогашните народи. Ги користеле остатоците на уште постарите, предгрчки и предримски, култури како што биле микенската, критската, пелазгиската, македонската, трачката и други. Освен тоа добивале и свежи известувања од разни тогашни патници и истражувачи, кои ги имало и во тоа време. Хекатеј од Милет (5 век п.н.е.) создал и една карта на светот, се разбира без Америка и Австралија.  Таа карта била прилично точна, особено ако се земе во предвид тогашното познавање на географијата. Освен него, за прашањата за религиите на разни народи од античко време, на пример, за народите во Мала Азија, Египет, Вавилон, Персија и северните брегови на Црното море доста добро бил информиран и Херодот од 4 век п.н.е.

Познавањето на разните религии особено се збогатило за време на походите на Александар III Македонски. Научните плодови на тие походи на Александар во далечните земји се делата на Беросус за Вавилон, Хекатеј од Абдера за Египет и Мегастен за Индија.

За развојот на науката за религиите, т.е. историјата на религиите во античко доба, според мислењето на современите автори, можат да се разликуваат три периоди.  Првиот период е митско-поетски. Тоа е време на собирање на митови од страна на Хомер и Хесиод и нивните помошници. Вториот период е филозофски. Се одликува со размислувања и дискусии за вистиноста или невистиноста на религијата. Третиот период е критички и скептички. Од последните два периоди познати се писателите: Аполодор од Атина (околу 180  – пред 120 п.н.е.) со својот спис „За боговите“ (во 24 книги) и Евхемер (околу 340 – 260 п.н.е.) според чие што мислење боговите се прославени претци. Римските писатели Полибие (околу 208 – 125 п.н.е.) и Страбон (околу 64 п.н.е – 24 н.е.) се обидувале да ја утврдат историската содржина на митовите. Кај римските еклектичари се истакнуваат Варон (116–27 п.н.е.) со своите 40 книги „Римски старини“ и Цицерон (106 – 43 п.н.е.) со делото „За природата на боговите“. /ИР/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: