Култот во христијанскиот монотеизам се развивал постепено. Од скромни молитвени состаноци по приватни куќи „поради кршење леб “, т.е. за светата тајна причестување, како што било правено во апостолското време, па се до величествени храмови со мошне свечени богослужби. Денес во светот постојат многубројни христијански храмови, од кои многу се вистински ремек-дела на архитектурата, вајарството и сликарството, за што детално сме информирани од Историјата на христијанската уметност. Покрај тоа, во христијанското богослужение, музиката обемно се применува, така што и во црковната музика има ремек-дела кои се компонирани баш поради што поубави богослужби.
Покрај оваа надворешна свечена, церемонијална форма, христијанскиот култ се одликува често и со богата символика и топла и длабока мистика со која се изразува суштината на христијанската вера и морал. Верата во воскресението, како основа на христијанската догматика (1. Кор. 15,14) и љубовта кон Бога како основа на христијанската етика, изразени се во христијанскиот култ. Неделата како ден на Христовото воскресение превземена е во христијанството како ден за празнување наместо старозаветната еврејска сабота. Велигден во христијанството е празник над празниците и се слави многу свечено како годишно сеќавање за настанот на Христовото воскресение. Покрај тоа, неделата во христијанството се празнува не само како седмичен спомен на Христовото воскресение – тоа послужило како повод за избор на неделата како седмичен празничен ден – туку неделата се празнува и како спомен на извршувањето на Христовото спасоносно искупително дело и како почеток на новата Христова ера.
Во христијанскиот култ нема принесување крвни жртви (на пр. колење јагниња итн.) како што било во старозаветниот монотеизам. Според христијанското учење, старозаветните жртви имале само сликовно значење. Тие, според верувањето на христијаните и според тврдењето на новозаветните свети книги, биле типски, пророчки праслики на онаа вистинска и единствена жртва што ја направил Христос, принесувајќи се себе на жртва за гревовите на светот, како што е напишано во Светото писмо (Евр. 7,26-27; 9,8–14; Јвн. 1,29; Јвн. 6,48–55; Лк. 22,19–20). Затоа, во христијанската црква се принесува жртва во вид на леб и вино, кои според тврдењето на Евангелието (Лк.22,17-20) и посланието (1. Кор. 11,24-25) и според верата на старите христијани, со силата на Светиот Дух, мистериозно се претвораат во вистинско тело и вистинска крв на Христа, додека според учењето на разни протестантски групи тоа претставува само спомен на последната Христова вечера пред распнувањето. Со тоа христијаните се причестуваат на литургијата која е најважното христијанско богослужење помеѓу многубројните обреди и молитвословија со кои Црквата го придружува животот на христијаните во разни прилики.
Освен причестувањата, христијанскиот монотеистички култ знае и за уште шест други свети тајни (кај протестантите само две) преку кои, според верувањето на христијаните, на човекот се дава благодатот на Светиот Дух, а тоа се: крштевање, миропомазание, причест (веќе спомнато), покајание, свештенство, брак и елеосвештенство. За сето ова поопширно говори Христијанската литургика.
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |