Како што е познато од историјата на Црквата, христијанството во времето на своите почетоци било прогонувано од властите на Римската империја, што траело околу триста години. По тој тежок период во кој настрадале многу христијански маченици, царот Константин издал декрет во Милано во 313 година со кој е прогласена слободата на христијанската вера.
Веднаш откако христијанството се здобило со слобода во тогашната Римска империја, се појавиле многу ереси и едно по друго разни догматски сфаќања што долго време го пореметувале животот на Црквата. Овие еретички движења кои што се кревале против официјалната црковна наука и организација, постоеле уште во најраното време на христијанството, како и низ целата негова историја. Тие се менувале наизменично. Но, меѓу 9 и 11 век доаѓа до конфликт помеѓу претставниците на западното и источното христијанство, помеѓу римските папи и источните патријарси, особено цариградскиот. Овој пат спорот не се водел поради некои крупни догматски разлики или етички сфаќања – тие разлики дури подоцна пораснале – туку во овој случај со сета своја сила се разгорела расправија од црковно-правна и црковно-политичка природа.
Главната причина за конфликтот била борбата за првенство и власт. Римските папи, благодарение на разни историски околности и на смислената и вешта црковна политика, успеале во текот на неколку века да ги наметнат својот авторитет и црковно-канонска власт на целото западно христијанство. Во 9-от век сметале дека постои добра прилика истото да го сторат и со источниот дел на христијанската црква. Но, истокот енергично се спротивставил на таквите претензии на римските папи. И додека Западот презентирал историски и теолошки причини, докажувајќи дека римските папи имале право на таа власт уште од самиот почеток на христијанството, дека тоа право го добиле од апостол Петар, а Петар од самиот Христос, повикувајќи се на евангелскиот текст (Мт. 16, 16-19), Истокот не сакал ниту да слушне за таков вид на аргументи. Источната теологија сето тоа го прогласила за западњачки иновации непознати за источната и целата стара христијанска црква, како и некои други канонско-правни, литургиски и догматски западњачки иновации.
Оваа борба меѓу истокот и западот поради папските претензии траела, со повремени прекини и помирувања, од средината на 9-от век до 1054 година, кога со фрлање проклетство една на друга, двете страни меѓусебно, се исклучиле од црковната заедница, прогласувајќи ја другата страна за расколничка, па дури и еретичка. Оттогаш, имаме два облика на христијанство: источно и западно, или вселенско-православно и римокатоличко. Помеѓу нив и порано имало некои помали литургиски, дисциплински, па дури и догматски разлики (на пример, додатокот на осмиот член на симболот на верата „Филиокве“), но после тоа разликите се повеќе се зголемувале, и не само литургиски, туку и канонски (на пример, целибатот на западното свештенство), па дури и догматски: папскиот примат, „Филиокве“, чистилиштето, индулгенција (простување на гревовите), безгрешно зачнување на Богородица (т.е. верување дека Таа е зачната и родена без прародителски грев), догмата на папската непогрешливост. Сите овие догми православните ги отфрлаат, а римокатолиците ги признаваат.
Политичко-историските настани во текот на вековите честопати воделе кон вистинско закрвување на источните и западните христијани. За тоа поопширно објаснуваат Историјата на Црквата, црковното право и компаративното богословие како посебни теолошки науки.
Подоцна, во 16 век, во скоро сите земји каде постоел римокатолицизмот, освен Италија и Шпанија, избувнал бунт против папството, воопшто против римокатолицизмот, а по повод продажбата на индулгенциите, или папските простувања . Тогаш се појавуваат реформациите на Лутер, Цвингли и Калвин. Во тоа време, римокатолицизмот се наоѓал под големата опасност од протестантизмот, бидејќи реформацијата незадржливо се проширирила во скоро сите земји кои биле дотогаш чисто римокатолички, а чии владетели биле дури и официјални заштитници на римокатоличката вера. Така, во историјата на Црквата, покрај веќе постоечкото православие и римокатолицизмот, се создаде и третиот облик на христијанството, протестантизмот.
Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia. |