Развој на историјата на религиите како наука (2)

Во времето на појавата на христијанството, античката многубожечка религија под напливот и критиката на скептичката филозофија, ќе ги изгуби и кај многубошците угледот и вербата. Уште повеќе кај христијаните. Христијанството се појавува во светот како религија која си припишува на себе апсолутна вредност.  Христијанските писатели, апологети, не наоѓале за потребно да ја проучуваат римската религија. Тие повеќе ќе бидат зафатени со еврејската  религија, гностицизмот, Платоновата филозофија, а покасно и со исламот. Доколку пишуваат за  многубоштвото, тоа биле апологии.

Во текот на средниот век Црквата доаѓа во допир со многу различни народи кои имале свои политеистички религии. За тие народи и нивните религии постојат известувања од разни мисионери или од разни соборски акти, напишани се повеќе хроники итн.

Во доцниот среден век францисканците и доминиканците извршувале мисионерски патувања, па во Европа носеле новости за народите и религиите во Индија, Тибет, Кина и Монголија.  

После откритието на Америка, а подоцна и на Австралија, христијанските мисионери, како и разни други научници-истражувачи, имале пред себе огромно поле за работа и истражување во дотогаш непознатите и неслушнати земји. При патувањата во Мексико ќе биде опишана целата стара мексиканска религија. Исто така, ќе бидат објавени дела за митовите и ритуалот на Инките, за религијата и историјата на домородците во Парагвај итн.

Од руските православни мисионери постојат повеќе исцрпни студии и известувања од историјата на религиите преку кои се запознаваме со религијата во Кина, за будизмот итн.

Денес научната обработка на историјата на религиите е доста развиена, а напишани се и објавени многубројни капитални дела, особено во периодот од 18-тиот век до денес.

Повеќе истакнати експерти за историјата на религијата ќе издадат колекција на студии за сите религии под општ назив „Мана“. Од големо значење се смета и лексиконот „Религијата во минатото и сегашноста“ (Die Religion in Geschichte und Gegenwart). /ИР/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: