Личноста на основачот на црквата (2)

Луѓето во Назарет, кои го сметале Исус како природен син на Јосиф и Марија (Мт. 13,54-55) биле мошне  изненадени кога ја слушнале неговата наука и ги виделе неговите чудесни дела. Не само сожителите на Исус од Назарет, туку целата Јудеја, Самарија и Галилеја, па дури и Сирија (Мт 4,24; 9,26) се восхитувале на неговото учење и на неговите моќни дела.

Народот често го придружувал во големи маси да ја слушнат неговата наука и да доживеат некое чудесно дело. Многумина го следеа, а многумина и се откажале од него од различни причини (Јн.6, 66). Луѓето, слушајќи го неговато учење и гледајќи ги неговите чуда, биле поделени и со чести расправии за неговата личност (Јн.7,4З; 9,16). Некои биле спремни да поверуваат дека е пророк, други дека е ветениот Христос Месијата, а некои дека тој е дури Божји Син (Мт. 16,1З-16; Јн. 9,35-З8; 4,25-29; 4,З9-42), а други пак сметале дека е лажен пророк кој своите дела ги прави со помош на Белзебул, принцот на демоните (Мт.9,З4; 12,24; Мр. З, 22; Лк. 11,15). Со ваков непријателски став особено се истакнувале фарисеите, закониците и садукеите, чие што лицемерие и вообразеност Исус остро го жигосал (Mт.23,1—7; Mт. 23,13—35; Јн. 8,44).

Еврејските старешини, за да се ослободат од опасниот пророк кој пред народот толку отворено, остро и неодбранливо ги критикувал, се обиделе на некој начин да го компромитираат и со тоа да го одвојат народот од него. Но, тие не успеале во тоа, затоа што на секое од нивните лукави прашања и замки, одговарал толку логично што повеќе никој не „се осмели од тој ден веќе да го праша нешто“ (Мт. 22,15-46; Јн. 8,1-11). Конечно, тие решиле, како „богохулник“ и „политички“ виновник кој „го бунтува народот против царот“, да го оптужат пред Пилат. На силно и упорно инсистирање на еврејските старешини, а особено поради заканата дека работата поврзана со овој „политички“ виновник ќе биде изведена пред самиот император, т.е. римскиот цар,  Пилат го осудил Исус на распнување, иако јавно кажал дека не нашол никаква вина кај него (Јн. 18,28-40; 19,1-22; Лк. 23,1-46; Мк. 15,1-37; Мт. 27,1-50).

Казната била извршена надвор од градот Ерусалим на ритчето Голгота. Неговите ученици, кои толку многу се исплашиле за време на судењето што се разбегале, наскоро по неговата смрт на Голгота, јавно тврделе – и покрај сите закани и казни на кои биле изложени од страна на еврејските власти – дека тој воскреснал на третиот ден по распнувањето и дека во текот на четириесет дена по воскресението го виделе повеќе пати, разговарале со него, јаделе со него, го допирале и ги слушале неговите зборови (Мт.28,1—19: Мк.16,1—20; Лк.24,1—5З; Јн.20,1— З1; 21,1—25; Дел. ап. 1,1-14), и дека на четириесеттиот ден се вознесол пред нив од кај Маслиновата Гора во небесниот свет. Само десет дена подоцна, учениците Христови доживеале едно чудесно искуство кое што духовно ги препородило и преобразило. Имено, според сведочењето на Делата на апостолите, додека биле на молитва  во просторијата во која се засолниле на молитва, сеуште плашејќи се од луѓето надвор, се слушнала голема бучава како кога дува силен ветер. Во тој момент се појавиле јазици како од пламен, по еден над секој ученик. Таа појава тие ја доживеале, сфатиле и почуствувале како исполнување на ветувањето на нивниот Учител дека ќе им го испрати Светиот Дух (Дел. ап. 2,1-13; Јн. 14,25-26; 15,26).

На тој ден, тие, препородени и охрабрени, без никаков страв од закани и казни, ја одржале првата јавна проповед за воскресението на нивниот Учител. Тогаш, во Ерусалим била основана првата христијанска црковна општина од оние што поверуваа во апостолската проповед (Дел. ап. 2,1-42).

После тоа, учениците отишле низ цела Палестина, а подоцна и низ целото Римско царство, а делумно и надвор од неговите граници, проповедајќи го христијанството. Таа апостолска проповед  особено постигнала голем успех кога на апостолите им се придружил еден од поранешните најжестоки прогонители на христијаните, младиот фарисејски ученик, Савле од Тарс (во Киликија, денешна Турција). Тој, одејќи во Дамаск за да ги испофаќа христијаните што таму се засолниле пред неговото прогонување, пред самиот Дамаск имал едно доживување поради кое тој од корен го променил својот став кон Христа и целиот свој животен пат.

Самиот Савле, подоцна апостол Павле, сведочи дека тоа доживување било појавувањето на воскреснатиот Исус Христос во светлина од којашто тој ослепел (Дел. ап. 22,3-21; 1.Кор. 15,8), па после тоа видот му го повратил Христос, преку еден свој ученик, Ананија. По овој настан, Павле станал најжестокиот проповедник на христијанството, иако за неговите проповеди морал да ги издржи најтешките прогони (2. Кор. 11,23-28), а на крај и маченичка смрт во Рим за време на прогонствата на Нерон во 67 г. н.е. Од тоа време, односно од времето на апостолите па се до денес, христијанските мисионери одат низ целиот свет проповедајќи го Христовото учење. /ир/

Тексовите и другата содржина на интернет страницата slovopedia.org може да се користат само за лично информирање. Не е дозволено нивно, превземање, пренесување и реобјавување без дозвола и договор со Slovopedia.
Споделете: